Грчките земјоделци повторно излегуваат на улиците со трактори. Голем протест е најавен за 5 септември во Солун, на денот кога официјално ќе биде отворен 90. Меѓународен саем во Солун. Одлуката за протестот била донесена на состанок во Неа Малгара, на кој учествувале претставници на земјоделски здруженија од повеќе региони, меѓу кои Солун, Лариса, Серес, Кардица, Иматија, Пиерија, Пела и Гревена.
Протестниот собир е закажан за 17 часот кај Белата кула, а земјоделците најавија дека на протестот ќе пристигнат и со трактори.
Главните барања се поврзани со обезбедување на приходите на земјоделците, намалување на високите трошоци за производство и промени во системот за земјоделско осигурување. Тие бараат и заштита на земјоделските субвенции, како и воведување ограничувања за увозот на земјоделски производи.
Меѓу барањата се и отпишување на натрупаните долгови, зголемување на пензиите и исплата на соодветен надомест за загубите што ги претрпел земјоделскиот сектор.
Протестот во Солун е продолжение на земјоделските мобилизации од почетокот на годината. Во јануари грчките земјоделци поставија блокади на повеќе главни патишта во земјата, а при повлекувањето предупредија дека повторно ќе протестираат и дека можат да го блокираат и Меѓународниот саем во Солун доколку нивните барања не бидат исполнети.
Сега земјоделците повторно се организираат, а изборот на денот на отворањето на саемот треба да испрати силна порака до грчката влада дека нивните барања остануваат нерешени.