Се излизга земјиште на градилиште во центарот на Скопје

Земјиште се излизга на градилиште на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква во центарот на Скопје, по што пропадна дел од тротоарот, а бандера падна врз автомобил.

Според граѓани кои се јавиле во редакцијата, земјата се срушила додека багер работел во внатрешноста на ископот, при што пропаднал дел од улицата покрај градилиштето.

Од МВР информирале дека ќе биде извршена проверка на местото.

Фејсбук-страницата „Во одбрана на Буњаковец“ објави дека свлечиштето се случило на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“, во центарот на Скопје. Оттаму наведуваат дека на градилиштето се работело и на државен празник и дека е оштетена инфраструктура, меѓу која кабли за струја и телекомуникации.

Жители од околните згради тврдат дека уште од почетокот предупредувале на небезбедното копање и на недостигот од соодветна заштита.

Инцидентот повторно го отвора прашањето за безбедноста на градилиштата во густо населени делови од градот, особено кога ископите се изведуваат веднаш до тротоари, улици и станбени објекти.

Пред еден месец, на 24 април, еден работник загина, а четворица беа повредени откако беа затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс