Скопје, град без сенка

Скопје денес има 12,07 квадратни метри зеленило по жител, двојно помалку од европскиот стандард од 25 квадратни метри. Без вонградското зеленило, само 7,66 квадратни метри по жител. И двете бројки се под препорачаниот минимум на СЗО од 9 квадратни метри.

Во центарот на Скопје денес има 50 проценти помалку зеленило отколку пред дваесетина години. Истражувањето на Институтот за Јавно Здравје покажа разлика до 7,9 степени на девет урбани микролокации за еден топлотен бран. Студијата на ФИНКИ пак измери до 25 степени разлика помеѓу сенка и незасенчен асфалт. Градските власти планираа да засадат „еден милион дрвја”, наместо тоа, во реланоста низ годините ги намалуваа.

Во 2012 година, Ирина Грчева и нејзиниот тим го измериле она кое граѓаните на Скопје секое лето одново и одново го гледаат, зелените површини. Резултатите покажсле дека зеленилото во центарот на градот едноставно го нема. Студијата „Ни снемува дрвја” покажала дека во „Малиот ринг” на Скопје постоат 34.994 квадратни метри зелени површини, наспроти 75.649 квадратни метри во 2002 година. Половина зеленило исчезнало за десет години.

Десет години подоцна, Институтот за јавно здравје измерил во живо колку тоа значи за телото. За време на топлотниот бран во 2022 година, на девет урбани микролокации во Скопје, температурната разликата помеѓу локација без дрворед и Градскиот парк достигнала до 7,9 степени Целзиусови. Тоа не е апстрактна бројка туку разлика помеѓу прошетка и топлотен удар.

Студијата која ги именуваше проблемите

Во август 2018 година, авион Cessna 172 полетал над Скопје со термална камера. Резултатот е студијата „Урбани топлински острови во Скопје: Анализа и Акциски план”, подготвена од тим на ФИНКИ под раководство на проф. д-р Димитар Трајанов, во соработка со Град Скопје и УНДП.

Термалните снимки покажале јасна слика: центарот на Скопје е значително потопол од периферните и позелени делови. Областа со најизразен топлински остров, јасно детектирана на термалните снимки, е централното градско подрачје, точно таму каде исечените дрвореди и мермерниот плоштад ја задржуваат и зрачат топлината.

Студијата констатирала дека температурата на засенчените површини може да биде 11 до 25 степени Целзиусови помала отколку на асфалтни или темни површини директно изложени на сонце. Истражувачката Гордана Каплан, една од членовите на тимот, подоцна напишала: „Резултатите покажаа дека феноменот урбани топлотни острови е присутен во Скопје. Најпогодени области се густо населените делови и земјоделски површини со мала вегетација.”

Студијата предложила над 70 конкретни мерки, вклучувајќи иницијативата „Еден милион дрвја за Скопје”. Тоа беше во 2018 година. Денес иницијативата личи заборавено.

Она за кое ИЈЗ предупредува, но градот не го слуша

Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови на Институтот за јавно здравје, ажуриран за периодот 2025–2030, директно го идентификува ефектот на урбаниот жежок остров во градовите. Во документот се наведува дека ефектот на урбаниот жежок остров „го интензивира термичкиот стрес” и се нагласува „критичната улога на зелените површини во ублажувањето на овие влијанија.”

Истражувањето на ИЈЗ за топлотниот бран во 2022 година, вклучено во истиот акциски план, покажало дека врвот на хоспитализации во Скопје од болести поврзани со топлината се регистрира еден ден по топлотниот бран, а времетраењето и интензитетот на температурите значително ги зголемуваат ризиците од хоспитализација за исхемична срцева болест.

Скопје денес има 12,07 квадратни метри зеленило по жител, двојно помалку од европскиот стандард од 25 квадратни метри. Без вонградското зеленило, со само 7,66 квадратни метри по жител. И двете бројки се под препорачаниот минимум на СЗО од 9 квадратни метри.

Скопје и регионот: кој е понапред, а кој заостанува

Анализата на балканските главни градови публикувана во септември 2025 во е-журналот New Polis нуди компаративна слика. Скопје е „котлински град кој се попочва во топлина и мирен воздух”, со широки булевари замислени по реконструкцијата по земјотресот во 1963 година, но со меѓублоковски простори кои постепено се намалуваат поради доградби. Акцискиот план за зеленило на ЕБРД (Green City Action Plan) предлага зелени коридори долж Вардар, но имплементацијата останува бавна.

Белград, исто котлина, слично наследство на социјалистичките супер-блокови и меѓублоковски зеленило, во последните години направи системски чекор напред: Стратегијата за зелена инфраструктура на Белград 2025–2032 е усвоена кон крајот на 2024 година, со дефинирани стандарди и буџети за дрвја, покриви, крајбрежни појаси и меѓублоковски зеленила. Истовремено се гради Линискиот парк долж поранешната крајбрежна железница, долг 4,6 километри.

Загреб го задржала деветнаесетовековниот идентитет на, хортикултурна традиција, со редовна нега и надополнување на зеленилото. Сараево пак живее со противречност: планинскиот венец ја прави листата на зеленило на хартија атрактивна, но пристапното и приодно зеленило во самото корито на долината каде живее поголемиот дел од населението е поретко.

Тирана, по турбулентната урбанизација во деведесеттите, во последните години намерно работи на орбитален шумски појас и достигна 3,44 квадратни метри зеленило по жител во 2014 година, што е сепак далеку под нормите. Денес, со инвестициите во нови паркови, таа е меѓу поактивните.

Скопје е на средина на листата по квантитет, но мрзливо по имплементација. Документите за зелени коридори се напишани. Акцискиот план постои. Но тоа не е доволно кога е 38 степени во јули.

Балканот не е подготвен

Светска банка во 2024 година нотирала дека некои балкански градови, вклучително Белград, Скопје и Сараево, го зголемиле зеленилото помеѓу 2015 и 2020, додека Тирана, Тетово и Призрен забележале намалување. Но Скопје и Сараево се карактеризираат со нивоа на PM2.5 загадување на 4,5 и три пати над безбедниот праг на СЗО. Топлотен бран над град кој веќе е загаден е двојна штета за луѓето кои немаат избор да не излезат надвор.

Сенката не е луксуз, таа е јавно добро кое Скопје го нема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс