Осум лица, шест мажи и две жени, се уапсени во Грција под сомнение дека стојат зад вчерашниот вооружен грабеж во филијала на банка во Като Титореа, во централниот дел на земјата. Според грчките медиуми, од банката биле одземени околу 200.000 евра.
Грчката полиција соопшти дека уапсените се испрашуваат и за можна поврзаност со други вооружени грабежи. Во досегашната истрага било пронајдено тешко оружје, меѓу кое автоматски пушки, пиштоли, гранати и муниција.
Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис изјави дека полицијата подолго време ја следела групата, за која се сомнева дека стои и зад други разбојништва. Првите пет лица биле уапсени кратко по грабежот, а уште три лица подоцна биле приведени во рамки на истата операција.
Грабежот се случил вчера наутро, кога маскирани и вооружени лица влегле во банката, им наредиле на вработените и клиентите да легнат на под, а еден од нив, вооружен со калашников, ги држел под контрола. Друг разбојник одвел вработен до сефовите, од каде што биле земени парите, по што групата избегала со украдено возило.
Според грчката полиција, филијалата најверојатно била избрана затоа што во близина немало полициска станица, па на патрола би ѝ биле потребни најмалку петнаесетина минути да пристигне. Истрагата продолжува за да се утврди дали уапсените се поврзани и со други слични напади.