А сепак, говорот на омраза и меѓуврсничкото насилство не се производ на оваа генерација, ниту пак на времето во кое живееме. Колку што знаеме, ваквите негативни елементи на детството постоеја и во претходните генерации и се чини дека премногу лесно дозволуваме да се пренесат и не преземаме доволно за да ги отстраниме од нашето општество. Епа, треба да кажеме: Доста е. Наша одговорност е да го прекинеме кругот на насилството!
Во формативните години, децата постојано учат нови работи и го поимаат светот преку сето она што ги опкружува. Секој збор кажан пред нив и секоја постапка скоро сигурно ќе бидат повторени, а одлуката за дали тоа е добро или лошо децата најверојатно ќе ја донесат на база на реакцијата на нивните родители. Затоа е важно сите во нивното опкружување (се разбира, тука најмногу се мисли на возрасните) да се обидат да бидат добар пример, да бидат присебни и да ги забележуваат позитивните и пред се’ негативните постапки на децата.
Додека растат, децата сакаат да ги имаат родителите наоколу за да можат да им се доверат кога имаат нешто да кажат, да им постават прашање кога се љубопитни, но и да најдат утеха во моментите кога се чувствуваат лошо или под закана. Затоа, токму родителите треба да го постават примерот и да бидат гласот на разумот кога е во прашање соочувањето со говорот на омраза. Ова се само неколку кратки совети за тоа како можете да му помогнете на вашето дете да се соочи со говорот на омраза и насилството – во живо и на интернет:
Помогнете му на детето да сфати дека секаков вид на омраза и предрасудат можат да нанесат болка. Голем дел од омразата што ја гледаат децата, особено на интернет, нема конкретна цел туку е сфатена само како форма на „разонода“ – што е погрешно. Децата понекогаш користат навредливи изрази или погрдни имиња во знак на шега, но родителот е оној кој треба да забележи и да се обиде да го коригира ова кај своето дете. Без разлика дали детето е во улогата на жртва или на насилник – со него треба да се разговара за тоа да може да ја сфати моќта на негативниот збор и зошто тој не треба да се употребува.
Децата велат дека ги боли кога гледаат омраза и предрасуди на интернет, дури и кога тие самите не се цел на тоа. Исто така, велат дека би биле поподготвени да преземат нешто доколку знаат дека некој навистина бил повреден. Помогнете им на вашите деца да ги поврзат работите и да сфатат дека, кога омразата и предрасудите се доживуваат како нормална појава, тоа им штети на сите.
Кажете им дека можат да направат промена. Понекогаш децата не преземаат ништо бидејќи мислат дека никој нема да ги слушне. Погрижете се вашите деца да разберат дека она што го зборуваат и прават влијае врз размислувањата на другите луѓе. Ако не го кренат својот глас, други ќе одлучуваат што е прифатливо во нивната заедница.
Децата понекогаш се грижат дека ако го кажат своето мислење, пријателите ќе им се налутат или дека тоа ќе им ги отежне односите. Но, токму пријателите се тие што најверојатно ќе ги ислушаат. Луѓето на кои им е важно што зборувате се токму оние што ќе ве ислушаат. Помогнете им да се чувствуваат безбедно и работете на меѓусебната доверба.
На крајот од денот, сите ние имаме заедничка обврска да го направиме светот поубаво место за живеење. Светот, кој еден ден ќе им го оставиме на децата кои денес растат токму тука, меѓу нас, каде што говорот на омраза и врсничкото насилство се’ уште претставуваат голем и сериозен предизвик. Токму затоа сакам да го поздравам Македонски Телеком, кој ја препозна потребата за една голема компанија да го искаже својот став на оваа тема и започна широка национална иницијатива за создавање средина без насилство и интернет без омраза која обединува кампања за подигнување на свеста, партнерства со институциите и конкретни активности за едукација и активно вклучување на младите.
Започнувајќи со самиот почеток на новата учебна година, кампањата „Скрши го кругот на насилството. Не биди публика.“, која се реализира во партнерство со Министерството за образование и наука, ќе има за цел да го спречи и врсничкото насилство и омразата во дигиталниот простор. Во фокус на кампањата се сведоците – оние кои што гледаат, коментираат за работите и го споделуваат тоа со своите другари, наместо да реагираат да се спречи. Пораката на кампањата е многу едноставна и удира точно во поентата: Не биди публика – реагирај и помогни да се прекине кругот на насилството! На тој начин Телеком ги поттикнува младите, но и родителите, просветните работници, тренерите во спортски клубови и сите останати возрасни луѓе во животите на децата да ја препознаат својата улога во спречувањето на омразата.