Готвењето дома не е само поздрав избор за исхраната, туку може да има важна улога и во зачувувањето на здравјето на мозокот, покажува ново истражување објавено во списанието Journal of Epidemiology & Community Health.
Според истражувачите, подготовката на оброци вклучува повеќе сложени активности – планирање, купување намирници, сечкање, готвење, организирање и чистење. Токму оваа комбинација на физички, ментални и практични вештини може да помогне во одржување на когнитивната активност кај постарите лица.
Истражувањето било спроведено врз повеќе од 10.000 лица постари од 65 години во Јапонија, кои биле следени околу шест години. Научниците ги анализирале нивните навики за готвење, способностите за подготовка на храна и појавата на нови случаи на деменција.
Учесниците одговарале колку често сами подготвуваат оброци, без да се сметаат готовите јадења. Нивните готвачки вештини биле проценувани преку едноставни задачи, како лупење овошје, варење зеленчук или печење риба.
Резултатите укажуваат дека редовното готвење може да биде поврзано со помал ризик од деменција. Научниците сметаат дека причината не е само во поздравата исхрана, туку и во тоа што готвењето го активира мозокот, бара концентрација, координација, меморија и планирање.
Дополнително, готвењето често има и социјална димензија – подготовка оброк за семејството, купување намирници, разговори и споделување храна, што исто така може позитивно да влијае врз менталното здравје.
Истражувачите сепак нагласуваат дека готвењето не е гаранција против деменција, но може да биде една од корисните секојдневни навики што придонесуваат за поздраво стареење.