Епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна и останува под постојан надзор на надлежните институции, соопшти Министерството за здравство.
Според последните податоци, бројот на прегледи значително се намалил во споредба со периодот кога епидемијата го достигнала својот пик.
Голем пад на бројот на прегледи
На 31 јули биле евидентирани 60 први прегледи. Иако има мали дневни варијации, општата тенденција покажува намалување на бројот на заболени.
За споредба, на 18 јули биле регистрирани 649 прегледи во еден ден, што бил највисокиот број во овој период.
Од 14 до 31 јули, здравствените служби реализирале вкупно 4.543 први прегледи.
Надлежните продолжуваат со епидемиолошки надзор
До здравствените служби досега пристигнале 1.028 официјални пријави за заразна болест.
Епидемиолозите изработиле 730 нови анкети, со што е остварен опфат од 71 процент од заболените.
Нема нови потврдени случаи на западнонилска треска
Од Институтот за јавно здравје информираат дека нема нови лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска.
На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти со сомнеж за ова заболување. За нив се очекуваат резултатите од лабораториските испитувања.
Здравствените власти посочуваат дека состојбата и натаму се следи, а надлежните институции остануваат на терен.