ВИДЕО: Горан Баре не успеа да ја испее ни првата песна, му требаше помош да се симне од бината

Концертот на Мајке во Макарска беше прекинат пред воопшто да почне, а публиката со аплауз го испрати фронтменот додека му помагаа да замине.

Настапот на Горан Баре и рок групата Мајке на фестивалот „Модро и зелено“ во Макарска синоќа беше нагло прекинат веднаш по излегувањето на составот пред публиката. Рокерот се појави на сцената со намера да ја започне првата песна, но по неколку моменти со помош на луѓе од организацијата мораше да биде изведен од бината.

Видеото од моментот брзо се рашири на социјалните мрежи. На кадрите се гледа како Баре не успева да застане стабилно пред микрофонот за да го започне настапот.

Неколку лица веднаш му пријдоа, го придржаа и полека го симнаа од сцената. Публиката реагираше со громогласен аплауз, давајќи му јасна поддршка на музичарот во тие моменти.

Организаторите на фестивалот и членовите на бендот засега не излегоа со официјално соопштение за причините што доведоа до ваков ненадеен крај на настапот. Меѓу коментарите на социјалните мрежи преовладува загриженост за здравствената состојба на пејачот, со бројни пораки за брзо закрепнување.

Групата Мајке важеше за едно од водечките имиња на четвртото издание на фестивалот „Модро и зелено“. Оваа музичка манифестација се одржува во Макарска од 2023 година и е посветена на творештвото на Милан Младеновиќ, некогашниот фронтмен на култната белградска група Екатарина Велика. Настанот го носи името токму по познатата песна на ЕКВ.

Баре и претходно имаше периоди на сериозни здравствени кризи кои неколкупати влијаеја врз неговиот концертен распоред во регионот. Токму затоа, неговото појавување на овогодишната фестивалска програма беше очекувано со голем интерес кај рок публиката во Хрватска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс