Група водечки издавачки куќи покрена тужба против Google, обвинувајќи ја компанијата дека без дозвола користела милиони книги заштитени со авторски права за обука на својот модел за вештачка интелигенција Gemini.
Тужбата е поднесена пред федерален суд во Њујорк, а меѓу тужителите се Hachette Book Group, Cengage Learning, Elsevier и американскиот писател Скот Туроу. Тие тврдат дека Google ги искористил книгите што претходно биле доставени за услугите Google Books, Google Play Books и Google Scholar, иако тие биле наменети исклучиво за ограничени цели, како пребарување и продажба на електронски изданија.
Според наводите во тужбата, компанијата создавала копии од книгите за обука на Gemini без согласност и без надомест за авторите и носителите на авторските права. Издавачите оценуваат дека станува збор за едно од најголемите прекршувања на авторските права досега и предупредуваат дека ваквата практика може сериозно да ја загрози издавачката индустрија.
Како пример наведуваат дека Gemini може за кратко време да генерира роман од околу сто страници, што, според нив, создава директна конкуренција на оригиналните литературни дела врз кои моделот бил обучуван.
Тужителите бараат судот да му наложи на Google да исплати законска отштета, да престане со користење на нивните дела за обука на системи за вештачка интелигенција и да ги уништи сите неовластено создадени копии од заштитените книги. Случајот го пренесува британскиот весник „Гардијан“.