Корисниците на услугите на Google во Македонија од септември ќе соочат со повисоки сметки, откако компанијата објави дека започнува со наплата на 18 проценти данок на додадена вредност (ДДВ) за сите свои дигитални производи. Оваа одлука ги опфаќа сите платени функционалности, вклучувајќи го дополнителниот простор за складирање на Google Drive, претплатите за Google One, како и буџетите за рекламирање преку платформите Google Ads.
Новото правило стапува на сила од 1 септември и се однесува директно на сметките на приватните корисници и бизнисите. Со оваа промена, на секоја извршена трансакција или автоматско обновување на претплата, Google автоматски ќе додава 18 отсто ДДВ на основната цена. За обичните корисници тоа значи повисока месечна или годишна претплата за складирање податоци, додека за компаниите што дигитално се рекламираат ова носи директно зголемување на оперативните трошоци за маркетинг.
За правните лица кои се регистрирани даночни обврзници во Македонија постои можност да го регулираат овој трошок преку сопствените сметководствени евиденции. Компаниите треба да го внесат својот единствен даночен број (ЕДБ) во поставките за плаќање на нивните Google профили. Оние фирми што ќе го ажурираат профилот со валиден даночен број ќе бидат ослободени од директна наплата на ДДВ од страна на Google, по што обврската за пресметка и пријавување на данокот преминува на нив, согласно македонското законодавство.
Воведувањето на овој данок е дел од глобалната политика на технологијата за усогласување со локалните даночни закони во земјите каде што нуди платени услуги. Македонското законодавство предвидува оданочување на сите дигитални услуги што им се испорачуваат на домашните крајни корисници од страна на странски правни лица. Со овој чекор, Google станува уште една од големите глобални платформи што ги прилагодуваат своите системи за директна наплата на македонскиот ДДВ.