Ask Maps користи модели Gemini за да одговара на прашања поставени со секојдневен јазик. Корисникот може да опише што сака да посети и какво патување планира, наместо да внесува само адреса или име на локација.
Google како примери наведува и практични прашања: каде најбрзо да наполните телефон или каде има осветлено јавно тениско игралиште за вечерно играње.
Новината за патувањата е распоред по денови, со нумерирани ознаки за секоја станица на картата. Планот може да се дополнува со место за ручек или дополнителна пауза, да се сподели со сопатниците или, преку компјутер, да се извезе во Google Docs.
Апликацијата добива и пребарување низ зачуваните листи. Наместо рачно да прелистувате десетици локации, ќе можете да прашате кои од зачуваните места одговараат на вашето барање.
Сепак, сите новитети нема да бидат достапни насекаде истовремено. Планирањето патувања и пребарувањето листи се воведуваат таму каде што е достапен Ask Maps, додека советите за маршрутата и барањето слободни термини кај локални бизниси прво пристигнуваат во САД.
Воведувањето е постепено на Android и iOS. Во објавата Google ги наведува Германија, Шпанија и Обединетото Кралство меѓу европските пазари, но не потврдува посебно достапност за Македонија.
