Google ќе плаќа 30 милијарди долари за AI капацитет од SpaceX/xAI – нов мегадоговор што го менува пазарот на чипови

Google постигна договор вреден околу 30 милијарди долари со SpaceX за изнајмување AI компјутерски капацитет преку инфраструктура поврзана со xAI, што го редефинира глобалниот пазар на податочни центри и чипови.

Google се согласи да плаќа околу 920 милиони долари месечно на SpaceX за обезбедување компјутерска моќ во рамки на договор за cloud услуги кој ќе трае до средината на 2029 година. Вкупната вредност на договорот се проценува на околу 30 милијарди долари.

Плаќањата ќе се реализираат од октомври оваа година до јуни 2029, а договорот опфаќа пристап до голем број Nvidia графички процесори, CPU процесори, мемориски чипови и друга инфраструктура, вкупно околу 110.000 GPU единици. Според проценките, капацитетот базиран на Nvidia H200 чипови претставува повеќе од 100 мегавати компјутерска моќ, што е доволно за истовремено напојување на околу 75.000 домаќинства.

Компликација во договорот претставуваат строгите рокови. Доколку SpaceX не обезбеди пристап до чиповите до 30 септември, Google има право да го раскине договорот по краток грејс период. Двете страни можат да излезат од договорот со отказен рок од 90 дена. Гласноговорник на Google Cloud го опиша договорот како привремено решение за капацитет:
„Станува збор за краткорочен договор со кој обезбедуваме дополнителна моќ за растечката побарувачка за нашата Gemini Enterprise платформа.“

Причината за ваквиот потег е фактот што xAI, иако релативно нова компанија, заостанува во развојот на AI модели зад конкуренцијата, па се фокусира на монетизација на инфраструктурата за податочни центри. Компанијата сега инвестира во големи центри во Мемфис (Тенеси) и Мисисипи, со цел да ја претвори скапата изградба во стабилен приход преку изнајмување компјутерска моќ. Интересно е што односот меѓу Google и SpaceX е истовремено партнерски и конкурентски. Google претходно држел околу 6,11% удел во SpaceX, кој по последните промени се проценува на околу 5%.

Покрај тоа, двете компании дискутираат и за идни проекти, вклучувајќи орбитални дата-центри во рамки на иницијативата позната како Project Suncatcher. Во меѓувреме, SpaceX има и дополнителни договори во AI секторот, вклучително и со стартапот Cursor, кој вклучува опции за потенцијално преземање или високи надоместоци за раскин на договорот. Овој мегадоговор доаѓа во период кога побарувачката за AI инфраструктура расте експлозивно, а глобалната конкуренција за пристап до чипови станува клучен фактор во технолошката трка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс