Инженер на Google обвинет дека заработил 1,2 милиони долари со инсајдерски податоци

Американското Министерство за правда обвини Google инженер дека користел доверливи информации за обложување на Polymarket и наводно заработил 1,2 милиони долари.

Американското Министерство за правда поднесе обвинение против софтверски инженер на Google, осомничен дека користел доверливи информации од компанијата за да се обложува на платформата Polymarket и на тој начин, наводно, заработил 1,2 милиони долари.

Станува збор за 36-годишниот италијански државјанин Микеле Спањуоло, кој, според обвинението, користел интерни податоци поврзани со листата на најпребарувани поими на Google. Обвинителството тврди дека тој се обложувал на малку веројатни исходи, кои благодарение на доверливите информации можел многу прецизно да ги предвиди.

Случајот доаѓа во период кога американските власти сè повнимателно ги следат платформите за таканаречени пазари на предвидување, каде корисниците се обложуваат на исходи од политички, економски, културни или други јавни настани.

Според обвинението, Спањуоло се обложувал на специфични теми поврзани со Google трендовите, вклучувајќи го и името на инди музичарот D4vd, кој минатата година се најде во фокусот на јавноста по обвиненија за убиство на тинејџерка, а потоа се појави на листата на најпребарувани личности.

Истражителите тврдат дека инженерот ги искористил интерните податоци за точно да предвиди дека D4vd ќе заврши на врвот на листата. Во моментот кога ја поставил обложувачката позиција, пазарот давал многу мала веројатност за таков исход, што ја направило добивката исклучително висока.

Во обвинението се наведува дека Спањуоло користел профил под името „AlphaRaccoon“ и дека повластени информации употребувал и во други обложувања поврзани со Google листите на најпребарувани поими.

Во октомври, според судските документи, тој се обложил дека раперот Кендрик Ламар ќе заврши на врвот на листата, во период кога интерните податоци на Google покажувале дека токму тој е на пат да стане најпребарувана личност на годината.

Спањуоло, според документите поднесени до федералниот суд во Менхетен, живее во Швајцарија.

Американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк, Џеј Клејтон, порача дека обвинителството ќе ги гони корпоративните инсајдери кои се обидуваат да профитираат од доверливи деловни информации на пазарите за предвидување.

„Тргувањето со повластени информации го нарушува интегритетот на нашите пазари, а американските граѓани сакаат ваквото однесување водено од алчност да биде истражено и казнето“, изјави Клејтон.

Од Google соопштија дека соработуваат со полицијата и дека користењето доверливи информации за обложување претставува сериозно прекршување на правилата на компанијата. Портпарол на Google потврдил дека Спањуоло е привремено суспендиран од работа.

Од Polymarket, пак, соопштија дека ѝ помагале на полицијата во истрагата за активностите на Спањуоло. Платформата нагласи дека ова е прв случај во кој соработка со платформа за обложување довела до обвинение за тргување со повластени информации во САД.

Случајот повторно го отвора прашањето како треба да се регулираат платформите за предвидување и дали постојните закони се доволни за да спречат злоупотреба на доверливи информации во дигитални пазари што растат со голема брзина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс