Крај на една ера: познатите Google икони заминуваат во историја

Новите градиентни икони веќе се појавуваат на веб, Android и iOS, додека Google очигледно се обидува да го реши проблемот со старите Workspace икони кои многумина ги сметаа за премногу слични.

Google почна да го пушта новиот дизајн на иконите за Workspace апликациите, меѓу кои се Gmail, Google Drive, Docs, Sheets, Slides, Calendar, Chat, Meet, Forms, Keep и Tasks. Новиот изглед се базира на градиенти, помеки премини на бои и појасни форми, со што компанијата се обидува да ги направи апликациите полесни за препознавање.

Првите промени се забележуваат во Google app launcher, менито со апликации што се појавува во горниот десен агол на повеќето Google страници, како и на новата страница во Chrome. Дел од новите икони веќе се појавуваат и во горниот лев агол на одредени Google апликации, како Keep и почетните страници на Docs, Sheets, Slides, Vids, Forms и Sites, иако фавиконите и иконите во самите едитори сè уште не се целосно променети.

Оваа промена не е само козметичка. Google со години добиваше критики дека Workspace иконите премногу си личат, бидејќи речиси сите го користеа истиот сет од четири корпоративни бои. Во новиот дизајн, тој пристап е напуштен кај најголем дел од апликациите. Gmail останува најблиску до препознатливиот стар изглед, додека други апликации добиваат поизразени форми и поспецифични бои.

Според Android Central, новите икони веќе почнуваат да се појавуваат и на Android и iOS, не само на веб. Промената доаѓа непосредно пред Google I/O 2026, што отвора простор за очекување дека компанијата може да најави уште визуелни и функционални промени во својот екосистем.

Најголемата разлика е во тоа што Google се обидува да ги направи иконите помалку „една истија“ и повеќе препознатливи на прв поглед. Тоа е мала промена на екран, но голема за корисниците што секојдневно скокаат меѓу Gmail, Drive, Calendar, Docs и Meet. Кога сите икони личат една на друга, дури и наједноставната дигитална рутина станува малку понервозна отколку што треба.

Новиот дизајн веројатно нема да им се допадне на сите. Google редовно предизвикува реакции кога ќе го смени визуелниот идентитет на своите апликации, особено затоа што тие се дел од секојдневната работа на милиони луѓе. Но, овој пат промената има јасна логика: помалку визуелен хаос, повеќе разлика меѓу апликациите и изглед што подобро се вклопува со поновите градиентни елементи во Google екосистемот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс