Google и Anthropic потпишаа договор од 200 милијарди долари за AI инфраструктура

Договорот ја покажува растечката цена на трката за вештачка интелигенција, во која cloud капацитетите и AI чиповите стануваат клучна технолошка инфраструктура.

Anthropic се обврзал во следните пет години да потроши 200 милијарди долари на Google Cloud, како дел од договорот за обезбедување cloud услуги и AI чипови, објави The Information, повикувајќи се на извор запознаен со договорот. Веста веднаш се одрази и на пазарот, па акциите на Alphabet, матичната компанија на Google, пораснале за околу два проценти.

Договорот покажува колку драматично расте цената на глобалната трка за вештачка интелигенција. Според извештајот, обврската на Anthropic би можела да претставува повеќе од 40 проценти од идните договорени приходи што Google неодамна ги пријави пред инвеститорите. Станува збор за приходи што произлегуваат од веќе договорени обврски на cloud-клиенти.

Anthropic, компанијата зад AI моделите Claude, во април потпиша договор со Google и Broadcom за обезбедување капацитети на тензорски процесорски единици, односно TPU чипови, кои треба да бидат достапни од 2027 година. Компанијата користи повеќе платформи за пресметковна моќ, меѓу кои Amazon Trainium, Google TPU и Nvidia GPU, а дополнителни капацитети обезбедува и преку партнерства со компании како CoreWeave.

Партнерството е двонасочно: Alphabet истовремено ја продлабочува својата врска со Anthropic преку инвестиција што може да достигне до 40 милијарди долари. Тоа ја прави соработката уште позначајна, бидејќи Google не само што обезбедува инфраструктура за еден од најбрзорастечките AI стартапи, туку и инвестира во компанија која во исто време му е конкурент во глобалната AI трка.

Договорите поврзани со Anthropic и OpenAI веќе сочинуваат повеќе од половина од вкупно 2.000 милијарди долари договорени идни приходи кај најголемите cloud-провајдери, меѓу кои Amazon Web Services, Microsoft Azure и Google Cloud. Силната побарувачка за AI модели ја претвори компјутерската инфраструктура во една од најважните и најскапи фронтови во технолошката индустрија.

Во таков контекст, Alphabet е сè поблиску до Nvidia во борбата за позицијата највредна компанија во светот. Рекордниот раст на акциите, зголемената побарувачка за AI услуги и огромните договори за cloud и чипови покажуваат дека новата технолошка трка не се води само околу најдобрите AI модели, туку и околу тоа кој ќе ја контролира инфраструктурата што ги напојува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни