Голем шумски пожар на Евија: Испратено итно СМС-предупредување до жителите

Голем шумски пожар избувна на грчкиот остров Евија. Десетици пожарникари, авиони и хеликоптер се борат со огнот, а жителите добија итно СМС-предупредување преку 112.

Голем шумски пожар избувна денеска во областа Милаки на грчкиот остров Евија, поради што властите испратија итно предупредување до граѓаните преку системот 112. Во гаснењето на огнот се ангажирани 28 пожарникари со девет противпожарни возила, а од воздух интервенираат седум авиони и еден хеликоптер.

Пожарот избувнал нешто по 13 часот по локално време во шумска област кај Милаки, каде што во близина има и расфрлани куќи. На терен се вклучени и цистерни со вода од општината Аливери-Кими, кои им помагаат на пожарникарските екипи во борбата со огнената стихија.

Грчката противпожарна служба соопшти дека на местото е испратен и специјален тим за истрага на подметнати пожари од Пиреја, кој треба да ги утврди причините за избувнувањето на пожарот. Засега нема информации за повредени лица или евакуирани жители, но властите ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните предупредувања и упатствата преку системот 112.

е-Трн да боцка во твојот инбокс