Голем шумски пожар кој избувна синоќа во близина на северните предградија на Солун, во областа Ореокастро, сè уште не е ставен под контрола, соопшти Грчката противпожарна служба. Пламените јазици се проширија во близина на станбени објекти, поради што властите извршија евакуација на жители од неколку населени места. Дел од луѓето се преместени во безбедни зони, додека службите за итна помош остануваат во целосна готовност.
Во гаснењето на пожарот се вклучени авиони и хеликоптери, како и над 150 пожарникари со десетици возила и специјални пешадиски единици. Од раните утрински часови се спроведуваат и дополнителни воздушни интервенции. Пожарот предизвика материјални штети на куќи, магацини и индустриски објекти, а огнот зафати и делови од текстилна фабрика, што дополнително ја влоши ситуацијата.
Медицинските служби се во состојба на готовност, а засега нема информации за потешко повредени, освен неколку пожарникари со полесни повреди. Како дел од истрагата, грчките власти приведоа 76-годишен маж, кој е осомничен дека пожарот можеби настанал поради искри од негово возило, поврзани со „опасно возење“.
Ситуацијата останува динамична, а пожарникарите продолжуваат со напори за целосно ставање под контрола на огнената стихија.