Националниот штрајк на железничките работници предизвика масовни откажувања и доцнења на возовите низ Италија, а голем број патници останаа заглавени на железничката станица „Милано Централе“.
Сликите од Милано денеска се долги редици патници кои чекаат информации за своите возови. На информативните табли биле прикажани бројни откажани или одложени поаѓања.
Штрајкот започна во 21:18 часот во понеделникот и треба да трае до 21 часот во вторник. Во него учествуваат вработени во железничките компании „Трениталија“, „Итало“ и „Тренорд“, а погодени се регионалните, меѓуградските и брзите железнички линии.
Италијанската железничка инфраструктура РФИ предупреди дека протестот може да предизвика промени во сообраќајот и пред официјалниот почеток, но и по завршувањето на штрајкот.
Протестот го организираа синдикатите CUB Trasporti и SGB, заедно со претставници на машиновозачите и кондуктерите. Меѓу причините се условите за работа и барањата за поголема заштита на работничките права, како и противењето на плановите за поделба и тендерирање на дел од меѓуградските железнички услуги.
За време на штрајкот се предвидени минимални гарантирани услуги. Регионалните возови треба да сообраќаат во заштитените термини од 6 до 9 часот и од 18 до 21 часот, додека за одредени меѓуградски линии е објавен посебен список на загарантирани поаѓања.
Патниците се повикуваат пред тргнување да го проверат статусот на својот воз преку официјалните канали на железничките компании.