Голем пожар изби вечерва околу 18:30 часот во рециклажниот центар „Метис“ во Пула, Хрватска. Густ црн чад се надвисна над дел од градот, а на терен се бројни противпожарни екипи. До жителите од тој дел на градот и околните населби е упатен апел да останат во своите домови и да ги затворат прозорците.
Полицијата ја примила пријавата за пожарот околу 18:40 часот. Во интервенцијата учествуваат 20 пожарникари со девет возила од Јавната противпожарна единица Пула и доброволните противпожарни друштва од Пула и Медулин.
Сообраќајната полиција затвори дел од улицата „Валица“ со цел на пожарникарите да им се овозможи непречен пристап до опожареното место.
Поради пожарот во рециклажниот центар „Метис“, се огласи Град Пула и ги повика жителите на месните заедници Шијана, Вели Врх и Штињан да останат во куќите и да ги затворат прозорците.
„Откако ќе располагаме со повеќе информации, навремено ќе ја известиме јавноста“, порачаа од Град Пула.
Според информациите што граѓаните ги пренесоа за „Глас Истре“, за време на пожарот се слушнале експлозии, а во околното подрачје се шири исклучително непријатна и остра миризба.
Се појавија и неофицијални информации за можни повредени лица, но засега нема официјална потврда дека некој настрадал.
Причината за пожарот сè уште не е позната, како ни видот на материјалот што е зафатен од огнот.
Во рециклажниот центар „Метис“ во Шијана и претходно избиваа пожари. Од 2019 до 2024 година на таа локација се забележани најмалку четири пожари.