Голем шумски пожар избувна во областа Спатарија на грчкиот остров Евија, по што грчките власти распоредија големи противпожарни сили за да го стават огнот под контрола. Пожарот избувнал вчера попладне, по 16 часот, во шумска област, а засега нема информации дека се загрозени населени места, куќи или друга инфраструктура.
Во гаснењето на огнената стихија учествуваат 54 пожарникари со 21 противпожарно возило, како и осум противпожарни авиони и три хеликоптери кои од воздух се обидуваат да го запрат ширењето на пламените јазици. Според грчките медиуми, областа каде што избувнал пожарот е означена со многу висок ризик од пожари – категорија 4, што значително ја отежнува борбата со огнот, особено поради високите температури и сувата вегетација.
На терен е и специјалниот истражен тим за пожари, кој треба да ги утврди причините за избувнувањето на пожарот. Грчките власти засега не најавуваат евакуација на населението, но остануваат во состојба на готовност додека трае акцијата за локализирање на пожарот.