Ѓорѓи Пулевски, Филозофски филмски фестивал: Најголемиот отпор денес е да се зачува критичкото мислење

Фестивалот почна како студентски сон на студенти од Катедрата за филозофија и има органска, па и романтична приказна. Го створиле луѓе на кои им биле важни универзалните човечки прашања, општествените проблеми, метафизиката, субјективитетот, естетиката и етиката. А преку визуелниот филмски јазик на еден непосреден начин сите овие елементи се перцепираат и дигестираат полесно. И ние со фестивалот никогаш не сме ја потценувале публиката затоа што се водиме од претпоставката дека гледачот не сака изџвакани продукти туку комплексни и провокативни дела. Публиката е поинтелигентна отколку што системот верува и ние од таа позиција настапуваме и правиме програма. Едноставно, ние со публиката „си го имаме муабетот“ и еве по 16 години, сè уште не може да се доприкажеме.

Во време кога алгоритмите го обликуваат вниманието, а војните и кризите се претвораат во медиумски спектакл, Филозофскиот филмски фестивал годинава доаѓа со мотото „Слобода во слободен пад“. Разговаравме со Ѓорѓи Пулевски за тоа што значи слободата денес, дали културата сè уште има капацитет за отпор и зошто неутралната уметност е само уште една идеолошка конструкција.

Трн: Мотото на фестивалот годинава е „Слобода во слободен пад“. Што за вас лично значи овој парадокс, слобода што истовремено се урива?

Ѓорѓи: Ох, слободата веќе во пилот епизодата е урната. За мене лично, во една политичко-економска смисла, сè додека човекот е принуден најголемиот дел од својот живот да го троши за гола егзистенција и плаќање сметки, тешко е да зборуваме за вистинска слобода. Никаква амбиција не гарантира успех во длабоко детерминирана структура која ги лимитира временските и мисловните хоризонти. А генерално гледано, кога една нација зборувала дека е слободна, тоа често доаѓало на сметка на уништувањето на слободата на некоја периферина нација. Затоа една од најголемите трагедии на човештвото е што неброени таленти и детски, па и возрасни идеали згаснале поради трката за преживување. А за оние понесреќните и презрените, слободата денес буквално им исчезнува во морињата, под чамците и под урнатините предизвикани од дронови управувани од илјадници километри далечина, во војни и геноциди што светот ги следи во живо, речиси како медиумски спектакл.

Трн: Дали „Слобода во слободен пад“ е фестивалско мото или веќе опис на европската и глобалната реалност?

Ѓорѓи: Нашето мото секогаш се инспирира од програмската линија, гостите, но и од контекстот во кој живееме. Ете, да започнеме со програмската линија. Кога почнавме сериозно да го планираме овогодинешното издание еден од првите потврдени филмови ни беше „Истражна постапка против еден граѓанин надвор од секакво сомнение“ (1970) од Елио Петри. Филм кој се занимава со теми како психопатологијата на авторитетот и самоштитењето на системот. Потоа кога добивме потврда од некои интернационални гости, сфативме дека голем дел од нив се занимаваат со политичка иронија, идеолошка деконструкција и провокации на моќта. Од друга страна, глобалниот реалитет во кој живееме ни ја раздрма, но и појасни педагошката етика со која бевме растени: дека има рамноправност меѓу суштествата и почит кон заедничкиот дом. Па така, кога ќе се собере сè на купче мотото само се искали. Во ваков контекст, сметаме дека најголемиот чин на отпор е да се зачуваат заедништвото, критичкото мислење и искрите за алтернативна визија. Тоа е нашата замисла која ја нудиме како грам оддишка, како грам слобода.

Трн: Фестивалот поставува прашање за улогата на имагинацијата и емпатијата во време на 24/7 дигитални стимули и алгоритми. Дали тие две категории денес се под закана или само се трансформираат?

Ѓорѓи: И двете категории во скоро секој систем се мета на длабока трансформација и постојан притисок. Уште од антиката, секоја нова медиумска технологија предизвикувала морална паника. Сепак, денес е поразличен интензитетот и брзината на хроничната престимулација и алгоритамското посредување на секојдневниот живот. Овие елементи прават честопати да има само дигитална емпатија во виртуелен простор, како и нејзина манипулативна комодификација, но и истовремено, како контраефект, и емпатичен дигитален замор кој се јавува од хроничното следење на разно-разни агенди за допамински осцилации. Имагинацијата исто трпи од хроничната престимулација затоа што развивме навики кои не оттурнуваат од самите себе до степен да се плашиме да правиме најосновни работи во мир. Тука се присетувам на една сцена од документарниот филм „Тарковски – поет во филмот“ каде што Андреј качен спокојно на дрво дава совет до младите луѓе да научат да бидат сами, да фантазираат и да се соочат со сопствената внатрешност и тишината, бидејќи токму таму започнува вистинскиот духовен и човечки развој. Ми се чини дека овој совет важи за сите денес, а посебно за оние што сè уште им е битна имагинацијата како креативна водилка.

Трн: Фестивалот нуди филмови, видео-есеи, полемики и едукација како простор за „заедничко соочување со (рас)падот“. Дали културните настани денес се повеќе простор за бегство или за соочување?

Ѓорѓи: Не би зборувал за другите локални/национални културни настани, но ние се трудиме нашиот фестивал да не нуди лажна утеха или бегство од реалноста. Инаку, секогаш имало конформистичка “уметност“ и културни настани кои служеле за цементирање на статус кво, како што имало секогаш и одговор и алтернатива. Истото се случува и денес. Но културните настани треба да бидат простор каде што нема бегство, затоа што самата идеја дека постои „чиста”, несоочувачка уметност е идеолошка конструкција. Теоретичарот Фредрик Џејмисон во неговата книга The Political Unconscious (1981) аргументира дека секое културно дело, колку и да изгледа „чисто естетско”, содржи во себе потиснат политички и историски слој. Како и сите ние. Се разбира, не заговараме заземање на страна кон политичка партија или отворен конфликт, но како Аристотелови „политички животни“ не може да бидеме индиферентни кон полисот, кон организацијата на заедницата и заедничките одлуки за заедничкиот живот. За ваквиот наш став, како индивидуи, но и како колектив што го организира фестивалот си има одреден ризик. И надворешен, посебно финансиски, но и пострашно — повнатрешен, со самоцензура. Значи, ризикот не е хипотетички. Сепак, алтернативата да се биде неутрален поединец или неутрален културен простор е бескрајно полоша. А за ваквата „лади-дади“ уметност постои долга, систематска историја во која уметниците и спортистите се гледаат како неавтономни тела кои служат во функција на римскиот метонимичен израз „леб и игри“.

Затоа кога некој од овие тела ќе поставел некое непријатно прашање или направел критички гест со кои ќе го предизвикал системот, веднаш влетувал прекорот одозгора: „Шуткај ја топката и молчи“, „прави повесели филмови“ и „пеј — само тоа го знаеш“.

Ако оние кои служеле за забава не биле послушни, тие веднаш биле дехуманизирани и стереотипно сведени на безмозочни натпросечно мускулни тела или наивни сонувачи со скршени срца кои немаат поим каков е вистинскиот свет. Тоа во минатото го осетиле на своја кожа, на пример, Мухамед Али и Карим Абдул Џабар за антивоените и антирасистичките изјави, Диего Ривера со фреската која никогаш не висела на Рокфелер центарот затоа што имала „антикапиталистички елементи“, но и плејада режисери и филмски работници кои биле мета на мекартизмот.

Не се случувало ова само во минатото и само во Америка. Ете, на нашиот фестивал лани имавме режисерка од Иран на која ѝ беше одземена наградата пред да ѝ биде дадена на еден фестивал во Германија само затоа што организаторите во меѓувреме дознале дека таа имала критички ставови за војната во Палестина.

Трн: Фестивалот инсистира на „филозофска релевантност“ на филмовите. Што значи тоа во пракса? Дали филмот мора да поставува прашања или е доволно само да создава чувство?

Ѓорѓи: Ова донекаде е и психолошко прашање, затоа што сметам дека нема ригидна поделба помеѓу прашања/мислење и чувства, а токму филмот често мисли преку атмосфера, емоција и сетилното искуство. Прашањата се многу битни, впрочем и логото на организаторот на фестивалот, Филозофско друштво на Македонија, е прашалник. Се разбира дека добриот филм ни создава повеќе прашања отколку што сме имале кога сме влегле во салата, но тоа е само дел од приказната. Ако некој филм поставува прашања кои не нè засегаат, не ни се релевантни, значи не пробудил кај нас ниту сериозен когнитивен процес, па ниту некое афектно влијание. На крајот на денот, ако филмот има автентичен филмски јазик, комплексни карактери и нуди релевантни егзистенцијални, еколошки, етички и феминистички теми со кои може да се поврземе, ние веќе ќе имаме лично, но и истовремено универзално поврзување. Ваквите дела ни служат повеќе како огледало во кои се соголуваме сами и светот, но и еден вид терапија од личните и колективните трауми од општествено-политичкиот систем. На ваков начин им се дава видливост на потиснатите слоеви, на сето она што навидум е доминирано од симболичкиот поредок.

Трн: По 16 години постоење, што мислите дека му овозможи на Филозофскиот филмски фестивал да опстои и да изгради публика во време кога вниманието станува сè пократко, а просторот за критичко размислување сè помал?

Ѓорѓи: Најголема тежина на фестивалот е што во самиот зачеток не се засади криво, ниту згази на чурук штица. Не почна како финансиски проект, ни како проект поради штура пропаганда. Фестивалот почна како студентски сон на студенти од Катедрата за филозофија и има органска, па и романтична приказна. Го створиле луѓе на кои им биле важни универзалните човечки прашања, општествените проблеми, метафизиката, субјективитетот, естетиката и етиката. А преку визуелниот филмски јазик на еден непосреден начин сите овие елементи се перцепираат и дигестираат полесно. И ние со фестивалот никогаш не сме ја потценувале публиката затоа што се водиме од претпоставката дека гледачот не сака изџвакани продукти туку комплексни и провокативни дела. Публиката е поинтелигентна отколку што системот верува и ние од таа позиција настапуваме и правиме програма. Едноставно, ние со публиката „си го имаме муабетот“ и еве по 16 години, сè уште не може да се доприкажеме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс