„Почетокот на учебната година не треба да биде и почеток на омразата“ е пораката на кампањата на Македонски Телеком посветена на врсничкото и онлајн насилство.
Според информациите објавени од компанијата, денес во Македонија секое трето дете се соочува со некаква форма на врсничко насилство. Тоа не завршува со училишното ѕвонче, туку продолжува преку пораки, групни разговори и социјални мрежи. На овие платформи навредите, заканите и понижувањата можат да стигнат до многу поголема публика.
Од Телеком предупредуваат дека секое снимање, споделување или коментирање може дополнително да го поттикне насилството. Затоа кампањата ја испраќа пораката:
„Скрши го кругот на насилството. Не биди публика.“
Во Македонски Телеком веруваат дека дигиталниот свет треба да биде место во кое луѓето се поврзуваат, учат и растат, а не простор во кој владеат омразата и насилството.
Компанијата наведува дека инвестира во едукација, превенција и алатки што им помагаат на младите и на семејствата побезбедно да се движат низ дигиталниот свет.
Создавањето побезбеден дигитален простор е дел од долгорочната заложба на Телеком. Преку кампањи, партнерства и едукативни иницијативи, компанијата континуирано работи на подигнување на свеста и на превенција од врсничко и онлајн насилство.
Во рамките на кампањата „Свет без омраза“, Македонски Телеком соработува со Министерството за образование во создавањето побезбедна средина за секое дете, онлајн и офлајн.
Фондацијата Телеком за Македонија, во партнерство со УНИЦЕФ, ги вклучува младите во создавањето интернет без омраза преку националното младинско движење „Нет без хејт“.