Епидемија во Гостивар, колку е безбедна водата што ја пиеме?

Центарот за јавно здравје Тетово донесе одлука за прогласување епидемија, додека анализите на водата ќе бидат готови денес.

Кризата со водата во Гостивар веќе неполна недела не стивнува.Бројот на граѓани што побарале лекарска помош достигна над 2000, а само во последните 24 часа се јавиле уште стотина лица со стомачни тегоби. Институтот за јавно здравје очекува Центарот за јавно здравје Тетово да донесе одлука за прогласување епидемија, додека анализите на водата ќе бидат готови денес.

Агенцијата за храна и ветеринарство воведе времена забрана за употреба на водата, откако инспекција затекна нелегално поставена пумпа што вбризгувала вода од реката Вардар во градскиот водовод. Официјалната причина сè уште не е потврдена, но случајот не е изолиран инцидент, последните анализи на Институтот за јавно здравје покажуваат дека проблемот со безбедноста на водата за пиење во земјава е поширок отколку што изгледа од еден случај.

Гостивар денес: бројките растат, потврда сè уште нема

Според инспекцискиот надзор спроведен на 16 јули вечерта во село Вруток, каде што се наоѓа пречистителната станица за вода на градот, е откриена пумпа поставена без одобрение, која директно вбризгувала вода од реката Вардар во главниот цевковод на водоводната мрежа. АХВ веднаш воведе времена забрана за пиење на водата, а полицијата во Тетово потврди дека постапува по пријава за можно кривично дело „загадување на вода за пиење“, казниво по член 219 од Кривичниот законик.

Гостиварскиот градоначалник Валбон Лимани наведе дека, според редовните анализи на ЈП „Комуналец“, досегашните испитани примероци од водата покажувале вредности во рамки на законски дозволените параметри и демантираше тврдења дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода. Директорката на гостиварскиот водовод, Артана Асани, за ТВ Телма ги отфрли сомнежите дека водата е изворот на заболувањата, наведувајќи дека меѓу пациентите имало и лица кои користеле исклучиво флаширана вода, според нејзината проценка, можни причини се консумираната храна или високите летни температури.

Спротивно на тоа, микробиологот Никола Пановски, преку јавна објава, тврди дека во Гостивар веќе постои епидемија на гастроентеритис, со проценети 1.500 регистрирани случаи со идентични симптоми и уште најмалку 5.000 граѓани кои не побарале лекарска помош – според неговата проценка, тоа значи дека околу 30% од населението на градот е зафатено. Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, порача дека нема да биде прогласена епидемија сè додека стручно не се утврди точната причина. Институтот за јавно здравје има свои екипи на терен и се очекуваат резултати од лабораториските анализи.

Официјални препораки додека трае забраната

Институтот за јавно здравје на 18 јули издаде детални препораки за жителите на Гостивар, важечки сè додека официјално не биде укината забраната. Клучната порака е јасна, водата од градскиот водовод не смее да се користи ни по превривање, освен ако надлежните не кажат поинаку. За пиење, миење овошје и зеленчук, подготовка на храна, мраз, сокови и кафе треба да се користи исклучиво флаширана вода, со препорачани најмалку 4 литри по лице дневно.

Истото важи и за миење заби, а за туширање се препорачува безбедна или превриена вода, со внимание да не се голта. Институтот посебно предупредува угостителските објекти и градинките да не користат водоводна вода за храна, пијалаци или полнење шишиња на децата.

Граѓаните на кои им се појават дијареа, повраќање, гадење, стомачни грчеви, покачена температура или знаци на дехидратација (силна жед, сува уста, намалено мокрење) треба веднаш да побараат лекар, со посебно внимание кај доенчиња, бремени жени, постари лица и хронично болни.

Институтот потсетува дека кога забраната ќе биде укината, водата треба да се пушти да тече 5 до 10 минути пред употреба, апаратите за вода да се испразнат и исчистат, а целиот мраз направен во меѓувреме да се фрли.

Втор случај во истиот период – фабрика во Скопје

Додека трае кризата во Гостивар, ИЈЗ во својот редовен билтен потврди и посебен случај на алиментарна токсоинфекција во иста фабрика во Скопје, каде што петнаесет вработени се разболеле, а тројца биле хоспитализирани. За разлика од Гостивар, каде што причината сè уште се истражува, овој случај Институтот веднаш го поврза со класичен летен ризик – неправилно чување храна на несоодветна температура.

Гостивар не е прв ваков случај во земјава

Иако размерите на кризата во Гостивар се невообичаени, проблемот со небезбедна вода во Македонија не е нов. Во ноември 2021 година, по обилни врнежи, водата во Струга беше прогласена за небезбедна за пиење, а истовремено забрани важеа и во Ресен и Крушево, во случајот со Струга поради загадување предизвикано од дождовите, а во Ресен поради интервенција во мрежата.

Во 2016 година, во резервоарите за вода на скијачкиот центар Попова Шапка беа пронајдени фекални бактерии како ешерихија коли, при што официјалните наоди го посочија човечкиот фактор, односно неисправно одржување на резервоарите и изостанок на дезинфекција на водата.

Во 2019 година, во десетина села во општина Чучер Сандево – Горњане, Бањани, Мирковци, Бразда, Кучевиште и други – беа пронајдени ешерихија коли и зголемен број колиформни бактерии во бунари, извори и крајпатни чешми, поради неконтролирано празнење септички јами и лошо управување со отпад. Центарот за јавно здравје во Скопје тогаш констатираше дека кај 60 до 70 отсто од испитаните крајпатни чешми во тие села водата воопшто не смеела да се користи за пиење.

Во општините Демир Хисар и Василево, анализите покажале дека бактериолошката неисправност на водата, предизвикана од колиформни бактерии, ешерихија коли, ентерококи и псеудомонас во одделни години достигнувала и до 20,5% од земените примероци, при што проблемот бил поизразен во селата што се снабдуваат со сопствени извори и бунари, наспроти оние поврзани на регионален водовод.

Како се штити водата во ЕУ и во светот?

Во Европската Унија, заштитата на изворите на вода за пиење не почнува од чешмата, туку многу пред неа – според ревидираната Директива за вода за пиење (2020/2184), секој снабдувач е обврзан да изработи таканаречен план за безбедност на водата (Water Safety Plan), концепт развиен според препораките на Светската здравствена организација, кој бара проценка на ризици за целиот пат на водата, од сливното подрачје и изворот, преку пречистителната станица, до самата чешма во домот.

Дополнително, посебната Директива за нитрати ги обврзува земјите-членки да означат таканаречени „нитратно ранливи зони” околу земјоделски површини кои можат да ги загадат подземните води, додека Директивата за поплави бара редовна проценка на ризикот од поплави за секој речен слив, токму сценариото што предизвика забрани за вода во Струга и Ресен во 2021 година кај нас.

Клучната разлика во пристапот е превентивна, наместо да се чека загадувањето да се случи па да се реагира, како во случајот со нелегалната пумпа во Гостивар, системот во ЕУ бара постојано следење на можните извори на ризик уште на самиот терен околу изворот, со дефинирани заштитни зони каде е строго ограничена секаква активност, земјоделство, индустрија или нерегулирани приклучоци кон водоводната мрежа.

Колку е всушност безбедна водата во Македонија – што покажува националниот извештај?

Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата, квалитетот и безбедноста на водата за пиење во земјава, процентот на неисправни примероци во 2024 година е зголемен и во однос на микробиолошката и во однос на физичко-хемиската анализа, во споредба со претходните години. Разликата меѓу градските и селските системи е значителна, во села кои се приклучени на градски водовод, околу 21,9% од примероците не ги исполнуваат физичко-хемиските стандарди, а околу 13,3% не ги исполнуваат микробиолошките.

Кај помал дел од населението (околу 3,9%), кое се снабдува преку алтернативни, епидемиолошки понесигурни начини, сопствени бунари, извори и чешми, очекувано е присуство на индикатори за фекално загадување, вклучувајќи колиформни бактерии од фекално потекло, Ешерихија коли, Streptococcus faecalis и Pseudomonas aeruginosa.

Истовремено, редовните неделни извештаи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на 2025 и 2026 година континуирано покажуваат дека сите испитани примероци во главниот град ги задоволуваат пропишаните стандарди, што укажува дека ризикот не е рамномерно распределен низ земјата, туку значително поизразен во помалите населени места и селските водоснабдителни системи, наместо во големите урбани центри со поразвиена инфраструктура и постојан надзор.

Најчести загадувачи и бактерии опасни за луѓето

Според официјалниот Правилник за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, водата за пиење не смее да содржи патогени микроорганизми, паразити, Ешерихија коли, вкупни колиформни бактерии, Streptococcus faecalis и Pseudomonas aeruginosa, ниту сулфиторедуцирачки клостридии. Присуството на Ешерихија коли и другите колиформни бактерии е директен показател за фекално загадување – најчесто резултат на протекување на септички јами, несоодветно одржани резервоари или недостаток на дезинфекција со хлор, токму какви случаи се регистрирани во Чучер Сандево, Попова Шапка, Демир Хисар и Василево.

Од физичко-хемиска гледна точка, најчести проблеми се отсуство на резидуален хлор, зголемена матност над дозволеното ниво, како и покачени концентрации на амонијак, нитрити и нитрати, кои најчесто потекнуваат од земјоделски ѓубрива, несоодветна канализациска инфраструктура или продор на површинска вода во водоснабдителниот систем, сличен механизам на оној што сега се истражува во Гостивар, каде што необезбедена пумпа овозможила директен продор на речна вода во системот за пиење.

Здравствените последици од консумирање небезбедна вода се движат од блага дијареа до тешки цревни инфекции, а кај ранливите групи како доенчиња, бремени жени, постари лица и хронично болни – можат да доведат до сериозна дехидратација и потреба од хоспитализација, токму какви случаи веќе се регистрираат во гостиварската болница.

Што покажува целата слика

Случајот во Гостивар, без разлика како ќе заврши истрагата за конкретната причина, се случува во контекст каде што националните податоци веќе покажуваат влошување на состојбата со безбедноста на водата за пиење, особено надвор од големите градови. Додека урбаните системи со континуиран надзор, како скопскиот водовод, континуирано покажуваат исправни резултати, помалите и селските системи остануваат значително поранливи на инфраструктурни пропусти, човечки фактор и, како што покажува гостиварскиот случај, потенцијално и на неовластени интервенции во самата мрежа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс