Германскиот гигант „Варта“ поднесе барање за стечај: Го загуби „Епл“, пропадна и договорот со „Порше“

Германскиот производител на батерии „Варта“ поднесе барање за стечај по загубата на „Епл“ како клучен клиент и неуспешните преговори со инвеститорите. Во ризик се повеќе од 3.200 работни места.

Германскиот производител на батерии „Варта“ (Varta) поднесе четири барања за отворање стечајна постапка под самоуправа до Општинскиот суд во Штутгарт, откако остана без клучни инвеститори и големи клиенти.

Судот потврди дека барањата се примени и се во фаза на разгледување. До овој чекор дојде откако досегашните главни акционери – производителот на спортски автомобили „Порше“ (Porsche AG) и австрискиот инвеститор Михаел Тојнер – одбиле да обезбедат дополнителен капитал за спас на компанијата.

Клучен удар за работењето на „Варта“ беше загубата на „Епл“ (Apple) како најголем клиент. Американската технолошка компанија одлучи батериите CoinPower, кои се користат во безжичните слушалки AirPods, наместо од „Варта“ да ги набавува од кинески производители.

По губењето на овој договор, компанијата веќе затвори дел од производството во фабриката во Нердлинген и укина околу 350 работни места. Според германските медиуми, на „Варта“ ѝ биле потребни десетици милиони евра свеж капитал за да продолжи со работењето, но и покрај интензивните преговори не бил пронајден нов инвеститор. Поради тоа, доверителите ја оцениле финансиската состојба како неодржлива и побарале отворање стечајна постапка.

Финансиската криза директно ги загрозува околу 3.260 вработени, од кои најголемиот дел работат во седиштето на компанијата во Елванген. Компанијата, позната по батериите за домаќинство, батериите за слушни помагала и системите за складирање енергија, сега се соочува со можна поделба и неизвесна иднина.

:

е-Трн да боцка во твојот инбокс