Германија се поларизира: АфД расте на десницата, Левицата победува во Берлин

Резултатите од покраинските избори покажуваат силна поддршка за партии од спротивните краеви на политичкиот спектар, додека традиционалните партии губат дел од својата поддршка. Зад бројките стојат подлабоки поделби, незадоволство и пад на довербата.

Германија во септември доби серија изборни резултати што повторно го отворија прашањето за политичката поларизација во земјата. АфД освои рекордни 43,8 отсто во Саксонија-Анхалт, а две недели подоцна беше прва и во Мекленбург-Западна Померанија со 38,2 отсто. Во Берлин, пак, победи Левицата. Во исто време, традиционалните партии, особено ЦДУ, забележаа сериозни загуби во повеќе покраини.

Од спротивни страни на политичкиот спектар

Изборите во Саксонија-Анхалт на 6 септември донесоа историски резултат за АфД, која освои 43,8 отсто од гласовите и стана убедливо најсилната политичка сила во покраината. Покраинскиот огранок на АфД во Саксонија-Анхалт германската Служба за заштита на уставот го класифицира како десноекстремистички.

Канцеларот Фридрих Мерц по изборите изјави дека е „длабоко шокиран“ од резултатот и оцени дека промената не се однесува само на Саксонија-Анхалт, туку на Германија пошироко. ЦДУ притоа падна од 37,1 отсто во 2021 година на 17,2 отсто.

На 20 септември следуваше нов силен сигнал. Во Мекленбург-Западна Померанија АфД освои 38,2 отсто и заврши прва, додека ЦДУ за првпат во историјата не го мина изборниот праг од пет отсто. Истиот ден во Берлин победи Левицата, а АфД заврши трета.

Така, во краток период германските гласачи испратија сигнали од двата краја на политичкиот спектар, додека партиите од политичкиот центар се соочија со пад на поддршката. Германскиот сервис на Дојче веле ова го опишува како продлабочување на политичката поларизација.

Зошто овие резултати создаваат загриженост?

Германската дебата за политичките крајности има и историски контекст. Искуството со нацизмот, но и со комунистичката власт во поранешна Источна Германија, и понатаму влијае врз начинот на кој дел од јавноста ги доживува радикалните политички движења. Но изборните резултати сами по себе не објаснуваат зошто гласачите се одлучуваат за одредени партии. Еден дел од одговорот може да се бара во општото расположение во германското општество.

Според Ипсос, во август 2026 година само 14 отсто од Германците сметале дека земјата се движи во вистинска насока, додека 86 отсто ја гледале во погрешна насока. Тоа е едно од најниските нивоа измерени во 15-годишната серија на истражувањето.

Во истото августовско истражување, миграцијата била најчесто наведувана причина за загриженост, со 32 отсто, пред сиромаштијата и социјалната нееднаквост со 31 отсто и инфлацијата со 30 отсто. Загриженоста поради растот на екстремизмот ја навеле 18 отсто од испитаниците.

Кога политичкиот противник станува непријател

Истражувачите разликуваат повеќе форми на поларизација. Едната е емоционалната, односно афективната поларизација. Таа се појавува кога политичките противници престануваат да се доживуваат само како конкуренти со различни ставови и почнуваат да се гледаат како закана или непријатели.

Таквата состојба може да го отежни компромисот – а компромисот е еден од основните механизми преку кои функционира парламентарната демократија. Политичарите не мора да се согласуваат, но демократскиот систем бара институционално признавање на легитимноста на политичкиот противник.

Германија не се дели само околу партиите

Постои и идеолошка поларизација – различни групи граѓани имаат различни приоритети и различно го дефинираат најголемиот проблем со кој се соочува земјата. Кај дел од десниот центар и десницата, миграцијата е меѓу најважните политички теми. Кај значаен дел од левицата, климатската криза и социјалната политика се повисоко на листата на приоритети.

Проблемот станува уште покомплициран кога повеќе кризи се случуваат истовремено. Германија истовремено се соочува со економски притисоци, високи трошоци за живот, енергетски прашања, миграција и безбедносни предизвици. Токму ваквото преплетување на кризи се опишува како „поликриза“.

Едни бараат побрзо напуштање на фосилните горива, додека други стравуваат дека таквата политика би можела дополнително да ги зголеми трошоците за енергија и живот.

Кога луѓето престануваат да веруваат дека политиката решава проблеми

Кога граѓаните се соочуваат со повеќе проблеми одеднаш, расте и ризикот од разочарување од институциите. Според анализата на Дојче веле, токму комбинацијата од различни кризи може да ја намали довербата дека политичките институции се способни да ги решат проблемите што граѓаните ги сметаат за најважни.

Во таква атмосфера, политичките партии што нудат едноставни објаснувања и радикални промени можат да привлечат дел од гласачите. Тоа не значи дека сите нивни гласачи имаат исти мотиви. Напротив, причините за изборниот успех на една партија можат да се разликуваат – од конкретни политички прашања и економско незадоволство, до недоверба кон традиционалните партии и желба за промена.

Прашањето за традиционалните партии

Изборните резултати во септември затоа не се само приказна за АфД или Левицата. Тие се и приказна за односот на граѓаните кон партиите што со децении доминираа во германскиот политички систем.

Кога традиционалните партии губат дел од поддршката, а партии од политичките краеви добиваат простор, се менува и начинот на кој изгледа политичкиот натпревар. И токму тука е главното прашање за Германија: дали овие избори се само серија покраински резултати или знак дека политичките поделби стануваат потрајна карактеристика на германското општество?

Одговорот нема да го дадат само изборните проценти. Ќе зависи и од тоа дали традиционалните партии ќе успеат да одговорат на реалните економски, социјални и безбедносни грижи на граѓаните – без притоа политичкиот противник да биде претворен во непријател.

е-Трн да боцка во твојот инбокс