Германија разгледува испраќање дел од својата воена морнарица, вклучувајќи бродови за разминирање, како дел од потенцијална меѓународна мисија за обезбедување на Ормутскиот теснец, пренесува Euronews.
Канцеларот Фридрих Мерц најави дека во петок во Париз ќе претстави конкретен предлог за германски придонес во таква операција.
Според документ во кој увид имала германската новинска агенција dpa, германската армија би учествувала со миноловци, придружен брод и извидувачки авиони. Мисијата би била фокусирана на разминирање, поморско извидување и надзор на поширокиот регион, а би започнала по евентуален прекин на непријателствата и под строго дефинирани услови.
Германија располага со осум миноловци и два специјализирани бродови за противминско дејствување, но засега не е познато колку од нив би биле испратени во регионот. Овие бродови обично имаат екипаж од околу 40 војници, со можност за дополнителна поддршка од специјализирани нуркачки тимови.
Во Париз се очекува состанок на кој ќе учествуваат и Франција и Обединетото Кралство, а дел од партнерите би се приклучиле и преку видео врска. Разговорите се фокусирани на формирање поширока меѓународна мисија за заштита на енергетските рути.
Мерц нагласи дека евентуалното учество на Германија ќе зависи од строги услови, меѓу кои и барем привремен прекин на огнот, како и одобрение од германската влада и парламент. Тој порача дека „се уште сме далеку од одлука“.
Покрај директното учество, се разгледува и можноста Германија да преземе дел од обврските на НАТО во други региони за да се ослободат капацитети за евентуалната мисија во Ормут.
Ормутскиот теснец, низ кој пред конфликтот минуваше околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, речиси е блокиран поради тековните тензии, што дополнително ја продлабочува глобалната енергетска криза и го зголемува притисокот врз европските пазари.