Германија предлага ЕУ да ја преземе мировната мисија во Либан по заминувањето на ОН

Германија предлага Европската Унија да преземе мировна мисија во Либан по истекот на мандатот на UNIFIL на ОН. Целта е спречување нов безбедносен вакуум во регионот.

Германија предлага Европската Унија да ја преземе улогата на мировна сила во Либан по истекот на мандатот на мисијата на Обединетите нации UNIFIL, со цел да се спречи создавање безбедносен вакуум во регионот. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека земјите-членки на ЕУ треба да разгледаат можност за воспоставување европски мандат кој би обезбедил стабилност по завршувањето на мисијата на ОН.

„Треба во Европската Унија да разгледаме дали со европски мандат можеме да обезбедиме по завршувањето на мисијата UNIFIL да нема безбедносен вакуум“, изјави Вадефул во интервју за германската мрежа RedaktionsNetzwerk Deutschland.

Мандатот на UNIFIL истекува на крајот од 2026 година

Мисијата на Обединетите нации во Либан, позната како UNIFIL, треба да заврши на 31 декември 2026 година. Германија неодамна го продолжи своето учество во мисијата, а Вадефул оцени дека Либан, со стабилна влада, претставува еден од ретките позитивни сигнали во поширокиот регион.

Предлогот на Берлин доаѓа во период на дипломатски напори за намалување на тензиите меѓу Либан и Израел.

Двете земји одржаа разговори на ниво на амбасадори во американската амбасада во Рим, што беше шестиот круг директни преговори откако на 2 март избувна нов конфликт меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах, во рамки на пошироката регионална криза.

Според Вадефул, европска мисија би можела да помогне во создавање услови за повлекување на израелските сили, но и да спречи повторно зајакнување на Хезболах во пограничниот регион.

„Европските сили би можеле да создадат услови израелската армија да се повлече, а Хезболах да не се врати со својот терор“, изјави германскиот министер.

ЕУ меѓу стабилизација и дипломатски баланс

Предлогот на Германија доаѓа додека европските земји се обидуваат да ја задржат стабилноста на Блискиот Исток, истовремено одржувајќи сложен баланс во односите со Израел и Либан.

Доколку биде реализирана, европската мисија би била значаен чекор за поголема улога на ЕУ во безбедносните операции надвор од нејзините граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс