Германија подготвува радикална пензиска реформа: укинување на рано пензионирање и работа до 70 години

Пензиската комисија во Германија предлага пакет од 30 мерки со кои се укинува раното пензионирање и се воведува постепено зголемување на старосната граница до 70 години од 2091 година.

Пензиската комисија во Германија усогласи пакет од вкупно 30 мерки кои носат длабоки и радикални промени во пензискиот систем на земјата. Предлозите треба официјално да бидат доставени до сојузниот канцелар Фридрих Мерц и министерката за труд Барбел Бас на 23 јуни.

Најзначајната промена се однесува на постепеното зголемување на старосната граница за пензионирање. Според новиот план, од 2071 година би се вовело задолжително пензионирање на 69 години, додека од 2091 година границата би се зголемила на 70 години. Со реформата се укинува и можноста за рано пензионирање на 63 години, која досега важеше како една од поволностите во системот.

Покрај тоа, дел од пензиските придонеси би се инвестирале на берза. Во почетната фаза, на пазарот на капитал би се пренасочувал еден процентен поен од придонесите, а подоцна се планира зголемување на два процентни поени со цел стабилизирање на пензискиот фонд. Од 2031 година повторно би се вовел таканаречениот „фактор на одржливост“, кој ја поврзува висината на пензиите со бројот на уплатници на придонеси, што би значело побавен раст на пензиите во иднина.

Реформата предвидува и проширување на кругот на задолжителни уплатници. Допринеси би плаќале и пратеници во Бундестагот и покраинските парламенти, самостојни претприемачи и директори на компании, додека државните службеници засега остануваат надвор од системот.Се укинува и моделот на таканаречени „мини-работи“ без придонеси. Исклучок би биле само ученици и студенти со ограничени месечни приходи, додека сите други би морале да работат исклучиво во систем со целосни пензиски придонеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс