Search

Георги Господинов – првиот бугарски писател добитник на Букеровата награда за литература

„Нашите приказни произведуваат живот, емпатија и отпор кон смртта и злото. Тоа е чудото на литературата“ – дел од говорот на Господинов на манифестацијата за Букеровите награди.

Бугарскиот писател Георги Господинов ја доби меѓународната награда „Букер“ за романот „Засолниште во времето“. Со тоа Господинов стана првиот писател од Бугарија што ја добил една од најпрестижните награди за литература. Книгата од бугарски на англиски јазик ја преведе Анџела Родел, а  Лејла Слимани, претседателка на жирито го опиша делото како „брилијантен роман полн со иронија и меланхолија“.

„Навистина е многу значајно, многу значајно. Извинете на нервозата во мојот говор. Напишав неколку зборови за да не останам без зборови при обраќањето. Вие кои верувате во литературата, заради вас сум тука, почестен што сум на највисоките точки и од архитектонски и од литературен аспект… Се додека ги раскажуваме нашите приказни и приказните на другите, ние сме се уште живи.  И се одржуваме во живот и во топлина врз основа на тоа што го кажуваме. Нашите приказни произведуваат живот, емпатија и отпор кон смртта и злото. Тоа е чудото на литературата. Ви влагодарам на сите и продолжете со раскажување приказни“- говореше Господинов кога ја примаше наградата.

Букеровата награда е најважниот настан во литературниот и издавачкиот свет. Се доделува од 1969 година, а нејзини носители биле Салман Ружди, Маргарет Атвуд, Казуо Ишигуро, Џулијан Барнс. Во 2005 година, меѓународната награда „Букер“ почна да се доделува само за книги во превод. Прв добитник е Исмаил Кадаре. За наградата годинава беа пријавени 134 книги од кои беа селектирани 13 кои влегоа во потесната конкуренција.

Со оваа номинација Георги Господинов се рангира со другите номинирани автори низ годините како Марио Варгас Љоса, Милан Кундера, Орхан Памук, Амос Оз, Ани Ерно и други. Наградата е вредна 50.000 фунти и се дели помеѓу авторот и преведувачот на победничката книга.

Номинацијата за меѓународниот „Букер“ е уште едно признание за Георги Господинов и романот „Засолниште во времето“. „Њујоркер“, „Гардијан“ и „Фајненшл тајмс“ веќе го прогласија делото за една од книгите за 2022 година. Осврти за книгата се појавија во Тајмс, Њујорк Тајмс, Волстрит журнал.Покрај оваа награда,  Господинов ја доби и наградата „Premio Strega Europeano“ и така стана првиот писател од Источна Европа со тоа признание.

Во нашата земја романот на македонски  јазик го издаде „Или-Или“. Романот од бугарски на македонски јазик го преведе Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-Или“ во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Во Својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор го претставува светот во којшто луѓето го бараат засолништето во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со алцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат. На крајот на романот, тоа води кон избувнување на Трета светска војна.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски јазик се објавени: Природен роман (Темплум, Или-Или), збирките раскази И други приказни (Темплум, Или-Или), И сè стана месечина (Или-Или) и Сите наши тела (Или-Или), збирката песни Балади и распади (Блесок), книгата за деца во коавторство со неговата ќерка Раја, Свадби на животни и нешта (Или-Или) и неговите најуспешни романи Физика на тагата (Или-Или) и Засолниште во времето (Или-Или).


Македонската публика срдечно и во голем број го пречека Господинов во декември минатата година кога дојде по покана на издавачот за промоција на неговата наградена книга „Засолниште во времето“.

Бројната публика во кино „Фросина“ на промоцијата на неговата книга  во долги редици чекаше по разговорот за да поразговара, да се фотографира и да добие посвета во неговите дела, а Георги Господинов стрпливо одвои време за да стапи во контакт со секој од нив, што уште еднаш укажува на фактот дека големината на големите луѓе е во скромноста.

Најново

Последни колумни