На прв поглед изгледа како обично историско писмо, но таканареченото „Бордо писмо“ (Bordeaux Letter) повеќе од еден век ги фасцинира колекционерите ширум светот. Неговата вредност не е во содржината, туку во поштенските марки што се залепени на него – едни од најретките и најскапите во историјата на филателијата.
Денес писмото е во сопственост на анонимен колекционер од Сингапур, а експертите често го нарекуваат „најскапото писмо во светот“. Приказната започнува на 4 октомври 1847 година, кога трговецот со вино Едвард Френсис од Порт Луис, главниот град на тогашната британска колонија Маурициус, испратил деловна порака до своите партнери во Бордо, Франција.
Во писмото тој известил дека примил 48 буриња вино што му биле испратени и дека веќе продал речиси една третина од пратката. За испраќањето платил само неколку пени за две поштенски марки – но денес нивната вредност се мери во милиони евра.
Марките што ја сменија историјата на филателијата
На писмото се наоѓаат две исклучително ретки марки: Mauritius Blue (Маурициус сина) ,Mauritius Pink (Маурициус розова). Сината верзија се смета за една од најпознатите и највредните поштенски марки во светот.
Нивната приказна е поврзана со грешка од 1847 година. Наместо натписот „Post Paid“ („Поштарината е платена“), на првите марки на Маурициус по грешка било отпечатено „Post Office“, заедно со ликот на британската кралица Викторија. Пред грешката да биде забележана, биле отпечатени и пуштени во употреба околу 500 примероци.
Денес се зачувани само 27 примероци: 12 сини марки и 15 розови марки. Во светот на филателијата тие имаат речиси митски статус.
Вредност од милиони евра
Проценките покажуваат дека неискористен примерок од Mauritius Blue може да достигне цена од 10 до 15 милиони евра, иако ваквите марки ретко се појавуваат на пазарот бидејќи колекционерите речиси никогаш не сакаат да ги продаваат. „Бордо писмото“ последен пат било продадено во 1993 година за околу четири милиони долари. Оттогаш се наоѓа во рацете на мистериозен колекционер од Сингапур.
Така, една мала печатна грешка од пред речиси два века претвори обично деловно писмо во едно од највредните парчиња хартија во историјата.