Кинескиот електричен хит доаѓа во Европа со цена под 20.000 евра

Кинескиот електричен модел Geely E2 пристигнува во Европа со цена од 19.900 евра, автономија до 317 километри и конкуренција за BYD и Citroen.

Кинескиот производител Geely го носи својот најпродаван електричен модел во Европа. Geely E2 ќе дебитира на италијанскиот пазар во октомври 2026 година, со промотивна цена од 19.900 евра.

Со цена под границата од 20.000 евра, моделот директно влегува во сегментот на достапни електрични автомобили, каде ќе им конкурира на BYD Dolphin Surf и Citroen e-C3.

Geely E2 нуди автономија до 317 километри и електричен мотор со 114 коњски сили, што го позиционира како практична и поевтина опција за градско и секојдневно возење.

Најпродаваниот автомобил во Кина доаѓа во Европа

Моделот е веќе добро познат на кинескиот пазар, каде се продава под името Geely Galaxy Xingyuan. На одредени странски пазари е достапен и како Geely EX2.

Во текот на 2025 година, Xingyuan бил најпродаваниот автомобил во Кина, без разлика на видот на погонот, со 465.775 продадени примероци.

Силниот тренд продолжил и во 2026 година, кога во првите пет месеци биле испорачани повеќе од 160.800 возила, со што моделот останал на самиот врв на кинескиот пазар.

Компактен хечбек со практичен ентериер

Geely E2 е компактен електричен хечбек со должина од 4.135 милиметри, ширина од 1.805 милиметри и висина од 1.580 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.650 милиметри.

Моделот има модерен изглед со затворена предна маска, карактеристични LED светла и 16-инчни тркала.

Практичноста е една од неговите најголеми предности. E2 располага со багажник од 375 литри, како и преден багажник, односно frunk, со капацитет од 70 литри.

Во кабината доминира 14,6-инчен централен екран на допир, а во зависност од нивото на опрема ќе бидат достапни и адаптивен темпомат и електрично отворање на задната врата.

Со ваква комбинација на цена, автономија и практичност, Geely очигледно сака да го нападне еден од најчувствителните сегменти на европскиот пазар — достапните електрични автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс