Обвинителскиот тим кој постапува за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска достави барање до судот да се одбие понудената гаранција од 195.820 евра за првообвинетиот Дејан Јованов. Јованов понуди недвижен имот како залог за да излезе на слобода пред утрешниот истек на едногодишниот законски притвор, но обвинителите утврдија дека дел од имотот е веќе под извршување или претставува тешко впарични објекти.
Јавното обвинителство до судот достави негативно мислење за предлогот на обвинетиот Дејан Јованов, познат како Деко, оценувајќи го барањето како целосно неосновано. Со предлогот, Јованов бараше одредување гаранција од точно 12.042.932 денари (195.820 евра) преку ставање хипотека на недвижен имот.
Обвинителите во соопштението наведоа дека Јованов дал согласност за имот за кој самиот знаел дека е предмет на извршување. Според обвинителството, таков имот правно не може да се стави под хипотека, ниту пак да се впаричи.
Дополнително, предложените недвижности во голем дел опфаќаат помошни простории, плевна и шупи, кои првично биле бесправни објекти. Обвинителскиот тим пресмета дека овие објекти тешко можат да се продадат во случај на потреба, а уште помалку да ја достигнат наведената проценета сума.
Јованов утре го достигнува едногодишниот законски максимум за мерката притвор, сметано од денот кога беше оценето обвинението за трагедијата во Кочани. Случајот во моментов е во доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим составен од 15 јавни обвинители.
Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ изби на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК. Во несреќата животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 граѓани беа повредени.
Паралелно со главниот судски процес, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори нова истрага против Јованов за кривично дело давање поткуп.
Според истражителите, сопственикот на објектот му дал поткуп на службеник во Министерството за економија за да обезбеди лиценца за угостителска дејност без поднесување регуларно барање, иако знаел дека дискотеката не исполнува пропишани стандарди. Поради ова, ОЈО ГОКК до Кривичниот суд Скопје достави нов предлог за притвор поради ризик од бегство. Судот за овој предлог одлучува денеска.