Македонскиот диџеј и продуцент Галоски (Galoski) постигна нов значаен меѓународен успех. Неговата најнова песна со наслов STEP се позиционираше на деветтото место меѓу 10-те најпуштани траки од страна на други диџеи низ светот во изминатиот месец. Ова рангирање е според релевантните податоци на глобалната платформа 1001Tracklists.
Со овој успех, песната на Галоски се најде на листата покрај светски познати артисти како Swedish House Mafia, MEDUZA, Cloonee и други актуелни имиња од светската електронска музичка сцена. Посебна тежина на успехот му дава фактот што STEP е независно издание објавено преку новата издавачка куќа на Галоски, Side Effects. Овој артист во август ги објави двете изданија, STEP и Come Closer, означувајќи ново поглавје во својата кариера.

Ова лето музиката на македонскиот диџеј беше дел од сетовите и радиоемисиите на најголемите светски имиња како Дејвид Гета, Мартин Гарикс, Армин ван Бурен, Димитри Вегас и Лајк Мајк и други. Дополнително, втора година по ред, музиката на Галоски одекнуваше на еден од најголемите фестивали за електронска музика во светот, Tomorrowland.
Активностите за Галоски продолжуваат. За 11 септември е најавено негово ново издание за Smash The House, престижната издавачка куќа на Димитри Вегас и Лајк Мајк, а уште еден проект е планиран за октомври оваа година.
Овие резултати се континуитет на неговата повеќе од дваесетгодишна кариера на електронската сцена. Неговите песни се постојано поддржувани од водечките светски диџеи, а во минатото тој беше вброен и меѓу 100-те најподдржувани артисти во електронската музика на глобално ниво.