Search

Галичка свадба: Стефана и Даријан ќе го кажат судбоносното „ДА“

Годинешното издание на Галичка свадба ќе се одржи наредниот викенд, од 12 до 14 јули.

Галичката невеста која е по потекло од Галичник, Стефана Димитрова и младоженецот Даријан Кочоски судбоносното „ДА“ ќе го кажат в недела на 14 јули.

Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а и двајцата млади и досега биле учесници на Галичка свадба. Денот на венчавката ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, меѓу кои таканареченото канење на мртвите, канењето на кумот, бричењето на зетот, бодинењето, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други обичаи. Венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со испраќањето на тапанџиите и зурлаџиите.

„Најпозитивно при опсежните подготовки на манифестацијата, во текот на целата година, е што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од свеченостите, туку напротив, тој секоја година расте. Тоа е посебен знак дека успеваме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата која сме ја наследиле и ја пренесуваме на следните генерации“, рече претставникот на организаторот, Месната заедница Галичник, Александар Костиќ и додаде дека „со поддршката од долгогодишните партнери Галичник е подготвен на сите посетители и годинава да им ја презентира богатата и уникатна традиција на која ѝ се восхитуваат сите што ја запознале“.

Институционален покровител на „Галичка свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура и туризам.

Ваквиот начин на обележување на Галичката свадба прв пат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија.

Извор: https://meta.mk/v-nedela-na-galichka-svadba-stefana-i-darijan-kje-go-kazhat-sudbonosnoto-da/

Најново

Последни колумни