Remember, Remember the 5th of November: Од буриња барут во 1605 до маската симбол на уличниот отпор

Од подрумите на британскиот парламент до глобалните барикади: како неуспешниот обид за рушење на власта создаде универзално лице на отпорот.

Ликот со остар брк, иронична насмевка и зашилена брада денес живее на протестите од Лондон и Њујорк до улиците на Балканот. Пред повеќе од четири века, приказната започна со 36 буриња барут скриени под Домот на лордовите. Во ноќта меѓу 4 и 5 ноември 1605 година, војникот Гај Фокс беше фатен со факел во рака. Неговиот неуспешен обид за преврат стана државен празник, за векови подоцна поп-културата да го претвори во глобален симбол на бунт.

Гај Фокс е роден околу 13 април 1570 година во Јорк, во семејство на Едвард и Едит Фокс, а крстен е три дена подоцна. Татко му починал кога момчето имало само осум години. Откако мајка му се премажила во католичко семејство, Фокс го прифатил католицизмот и заминал на европското копно. Војувал за Шпанија во Холандија, каде што го користел името Гвидо Фокс.

Кога заговорниците во Англија решиле да го дигнат во воздух кралот Џејмс Први и парламентот за да постават католички монарх, водачот Роберт Кејтсби барал човек со воено искуство и познавање на експлозиви. Фокс не бил водач на операцијата, туку воен оперативец. Во Лондон се претставувал како Џон Џонсон, слуга задолжен за изнајмениот подрум директно под салата каде што требало да заседаваат лордовите.

Таму внеле 36 буриња барут. Планот бил Фокс да го запали фитилот и веднаш да побегне преку реката Темза кон континентот.

Заговорот почнал да се распаѓа на 26 октомври 1605 година. До лордот Монтигл пристигнало анонимно писмо со експлицитно предупредување да најде изговор и да не оди на отворањето на парламентот. Се претпоставува дека писмото го испратил Френсис Трешам, роднина на лордот и еден од заговорниците.

Властите чекале до последен момент. Околу полноќ меѓу 4 и 5 ноември, кралските стражари влегле во подрумот и го затекнале Фокс подготвен за палење, облечен во чизми и наметка, со џебен часовник и фитили.

По апсењето и тортурата во Лондонската кула, на 27 јануари 1606 година му беше изречена смртна казна. На 31 јануари, пред егзекуцијата во Олд Палас Јард, Фокс успеал да скокне од скалата на бесилката и да си го скрши вратот. Со тоа го избегна мачното распарчување додека бил жив, кое следувало по бесењето според официјалната пресуда за предавство. Неговиот водач Роберт Кејтсби претходно загинал во оружена престрелка кај Холбеч Хаус на 8 ноември.

Дел од историчарите низ годините дебатираа дали министерот на кралот, Роберт Сесил, знаел за планот многу порано и свесно го оставил да се развие за да го искористи против католиците. Тоа гледиште остана малцинска теза наспроти фактите за брзата и хаотична реакција на дворот.

Првите огнови за славење на спасот на кралот беа запалени веднаш во ноември 1605 година, по наредба на властите. Официјалната рамка пристигна со закон. На 23 јануари 1606 година, пратеникот Едвард Монтагу го предложи Законот за одбележување на 5 ноември, кој доби кралска согласност на 27 мај и остана на сила сè до 1859 година.

Со векови, Ноќта на огновите значеше палење кукли со ликот на Гај Фокс, придружено со песната „Remember, remember! The fifth of November“. До крајот на 18 век, традицијата доби улична форма каде што децата бараа „паричка за Гај“ пред да ја фрлат куклата во пламен. Прославата со која државата сакаше да го казни предавникот, полека создаде колективна меморија која подоцна целосно ќе го смени правецот.

Преминот од историска казна кон симбол на слобода се случи благодарение на графичкиот роман „V for Vendetta“ од 1982 година, напишан од Алан Мур и илустриран од Дејвид Лојд. Лојд ја предложил идејата со став дека наместо секоја година да го палат Фокс, треба да го слават неговиот обид за отпор против тиранијата. Бидејќи тогаш немало готови маски во продавниците, Лојд самиот го нацрта стилизираното лице со широка насмевка и тенки мустаќи.

Вистинската експлозија дојде со филмската адаптација од 2006 година. Две години подоцна, хакерскиот колектив Анонимус ја стави маската за време на протестите против сајентологијата под името Проект Шанологија. Во 2011 година, истата маска стана главното визуелно обележје на движењето Окјупај Волстрит.

Масовното глобално производство на маската го презеде филмското студио Ворнер Брос, кое држи авторски права на филмот. Самиот Дејвид Лојд подоцна ја призна иронијата: корпорација од милијарди долари профитира од продажба на симбол создаден за борба против корпоративната и државната контрола.


Денес ова лице е редовна појава и на балканските и македонските улици секогаш кога граѓаните маршираат против корупцијата, загадувањето или автократијата. Од воен дезертер со барут во 17 век, Гај Фокс стана анонимно засолниште за секој што бара одговорност од институциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс