Еден од најпознатите филмски негативци во историјата, Фреди Кругер, повторно ќе ги плаши љубителите на хоророт. Paramount Pictures започна со развој на нов римејк на култниот филм „Ноќна мора на улицата Елм“ (A Nightmare on Elm Street), што претставува втор обид за оживување на франшизата по верзијата од 2010 година.
Проектот се реализира во рамки на новото хорор одделение Paramount Primal. Продуценти се Џеј Ди Лифшиц и Рафаел Маргулес, кои стојат зад успешниот хорор „Варварин“ (Barbarian).
Новиот филм ќе се темели на оригиналното сценарио што Вес Крејвен го напишал во раните осумдесетти години, а проектот има поддршка и од неговото семејство. Вдовицата на Крејвен, Ија Лабунка, изјави дека верува оти славниот режисер би бил среќен што хорор жанрот денес ужива многу поголемо признание отколку порано.
Во моментов не е познато кој ќе го режира филмот, ниту кој актер ќе ја преземе улогата на Фреди Кругер. Исто така, сè уште не се објавени датумот на почеток на снимањето и премиерата, но студиото најавува дека наскоро ќе открие повеќе детали.