Протестите во Франција не стивнуваат. Групи демонстранти и синдикати повикаа на нови собири за да го задржат притисокот врз владата, откако големата безбедносна операција помогна да се ограничат немирите за време на саботните демонстрации низ земјата.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на протестните маршеви во саботата учествувале 410.000 луѓе. Властите распоредиле 70.000 полицајци за да спречат повторување на грабежите и вандализмот забележани во повеќе градови на 17 октомври.
Синдикалните лидери повикаа на нови протести следната сабота, како и на национален штрајк на 5 ноември. Тие предупредуваат дека незадоволството поради платите, трошоците за живот и состојбата на јавните услуги одамна ги надминало границите на студентското движење, кое првпат се мобилизираше минатиот месец.
„Гледаме како гневот се натрупува и ги повикуваме луѓето повторно да излезат на улиците следната сабота“, изјави Муриел Гилбер, копретседавачка на левичарската синдикална федерација „Солидер“ за телевизијата БФМ.
Таа оцени дека незадоволството меѓу студентите, работниците, пожарникарите и други групи се претвора во заеднички бунт.
Синдикатот на наставниците СУД Едјукејшн најави дека ќе се приклучи на демонстрациите на 31 октомври, додека големиот синдикат ЦЖТ соопшти дека одлуката ќе ја донесе во текот на неделата.
Макрон има сè помалку простор за реакција
На масовни собири следната сабота повикаа и припадници на движењето „Жолти елеци“, граѓанска иницијатива што се појави во 2018 година како отпор против данокот на горивата. Тие најавуваат и протестни седења пред општинските згради и пред Националното собрание.
„Во оваа земја владее гнев. Тој расте во училиштата и на универзитетите, на кружните текови, во населбите, на фармите и на работните места“, изјави активистката Азелма Сиго за новинарите.
Во 2019 година, претседателот Емануел Макрон успеа да најде средства за намалување на трошоците за гориво како одговор на барањата на „Жолтите елеци“.
Седум години подоцна, ситуацијата е поинаква. Пренапрегнатите јавни финансии оставаат малку простор за исполнување на барањата на демонстрантите. Дополнително, мандатот на Макрон истекува следната година, а неговата центристичка партија веќе нема мнозинство во парламентот за да носи важни закони.
Владата започна преговори со синдикатите и претставниците на студентите во обид да ја ублажи кризата. Но, лидерите на протестите сметаат дека досега предложените мерки се недоволни.
„Од оваа влада не добивме никаков одговор“, рече Гилбер.
Полицијата предупредува на недостиг од кадар
Полициските синдикати во неделата предупредија дека немаат доволно персонал за подолг период да одржуваат толку високо ниво на ангажираност какво што беше забележано во саботата.
Големото полициско присуство помогна немирите во повеќе градови, меѓу кои Париз и Марсеј, да се ограничат на повремени судири.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во саботата биле уапсени 1.314 лица, приближно двојно помалку отколку претходната недела. Повредени биле околу 50 полицајци, наспроти повеќе од 1.000 повредени во текот на претходната недела.
Незадоволството и протестите се почувствуваа и надвор од француските граници.
Во саботата, полицијата во Брисел употреби солзавец и бибер-спреј за време на судирите со демонстранти против владата. Во Албанија, мирните протести, започнати кон крајот на мај, прераснаа во насилни немири, додека во неколку италијански градови втора недела по ред се случуваат помали судири.
