Француското обвинителство отвори истрага против поранешен висок функционер на Министерството за внатрешни работи под сомнение дека оддавал доверливи информации од истраги на десничарската партија Национален собир (Rassemblement National) на Марин Ле Пен. Случајот доаѓа во чувствителен политички момент, помалку од шест месеци пред претседателските избори во Франција.
Според францускиот весник „Ле Монд“, осомничен е Иго Муту, кој во моментов ја предводи државната администрација во францускиот регион Центар – Долина на Лоара. Тој се сомничи дека откривал информации за истраги поврзани со финансирањето на политичките кампањи за изборите во 2022 и 2024 година, објави „Еуроњуз“.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди дека е отворена истрага и дека го повикал Муту на разговор.
„Ако овие наводи се потврдат, очигледно е дека станува збор за многу сериозни работи“, изјави Нуњез за телевизијата БФМ.
Марин Ле Пен засега не го коментирала случајот.
Париското обвинителство потврдило за Асошиејтед прес дека истражува дали некој неовластено откривал доверливи информации од истрагите, како и дали други лица дошле до тие информации и ги користеле. Обвинителството соопштило дека засега никој не е официјално обвинет. Истражителите на 9 ноември извршиле претрес во седиштето на Националниот собир.
Нов скандал за партијата на Ле Пен пред изборите
Ова е најновиот во низата скандали со кои се соочува партијата на Марин Ле Пен во пресрет на претседателските избори во Франција. Во септември, Џордан Бардела, кого Ле Пен го посочи како кандидат за премиер во случај на изборна победа, беше обвинет во медиумски извештаи дека како млад член на партијата давал антисемитски изјави. Бардела (31) остро ги демантираше наводите објавени од истражувачкиот портал „Медијапарт“.
И самата Ле Пен (58) се соочува со сериозни правни проблеми. Во јули беше осудена на една година домашен притвор со електронски надзор поради проневера. Таа поднесе жалба до највисокиот француски суд и верува дека на крајот нема да мора да носи електронска алка за следење.
И покрај правните проблеми и новите контроверзии околу партијата, Ле Пен води во анкетите во пресрет на претседателските избори следната година, на кои ќе се избира наследникот на актуелниот претседател Емануел Макрон.
