143 години од раѓањето на големиот светски книжевник

Франц Кафка, човекот што ни го остави апсурдот

Никогаш не се ожени, никогаш не купи куќа, речиси ги уништи сите свои ракописи. „Процесот”, „Замокот” и „Преобразбата” денес се меѓу највлијателните дела на 20 век, — а тој не дозволи да се објават додека беше жив

Франц Кафка е роден на 3 јули 1883 година во Прага, тогаш дел од Австроунгарската империја. Денес би наполнил 143 години. Терминот „„кафкијански” влезе во речниците на светот за да опише ситуации полни со апсурдна бирократија и неразбирливи системи на моќ, токму онакви какви ги прикажуваат неговите дела.

Службеник со докторат кој пишувал ноќе

Кафка работел дење во осигурителна компанија, а пишувал ноќе. Во писмата од тој период сведочел дека во работно време многу тешко да се концентрирал на пишувањето. Сепак, никогаш не се откажал. Неговиот прв ракопис, „Пресудата”, го напишал во една единствена ноќ во септември 1912 година.

По дипломирањето на правото на Универзитетот во Прага во 1906 година, работел прво во правни канцеларии, потоа во осигурителна компанија. Животот меѓу документи, жалби и бирократски постапки оставил траги длабоко во неговата проза.

Три романи, ниту еден завршен

Најпознатите негови дела се новелата „Преобразбата” (1915) и романите „Процесот” (1924) и „Замокот” (1926). И трите романи останале незавршени. Ги спасил неговиот пријател Макс Брод, кој ги објавил по Кафкината смрт, спротивно на изричната желба на Кафка тие да бидат уништени.

Мерката на вредноста на Кафка ја потврдил и пазарот: во 1988 година, рачно напишаниот ракопис на „Процес” бил продаден на аукција за 1,98 милиони долари, тогаш највисоката цена некогаш платена за современ ракопис.

Кафка бил под огромно влијание на доминантниот татко Херман Кафка, трговец кој го сметал синот за слаб човек. Во неговото најважно автобиографско дело, „Писмо до таткото”, напишано во 1919, а никогаш испратено Кафка го обвинувал таткото за неспособноста да живее нормален живот, да се ожени и да се ослободи од семејните врски. Конфликтот со таткото директно се отсликува во приказната „Пресудата” (1913), во романите, каде ликовите постојано се во очајна борба со некаква надмоќна сила.

Милена и писмата кои станаа книга

Умешноста на Кафка да љуби, најдобро е доловена во „Писма до Милена”. Милена Јесенска го открила Кафка во 1919 година, кога му дала дозвола да го преведе неговото кратко дело „Ложачот” на чешки — прв превод на Кафка на странски јазик. Коресподенцијата набрзо се претворила во нешто сосема друго. Размената на писма траела од март до декември 1920 година, а двајцата се сретнале лично само двапати: четири дена во Виена и еден ден во Гмунд.

Милена Јесенска беше слободоумна млада чешка феминистка чијшто татко еднаш ја сместил во психијатриска болница поради „неморал”. Кафка имал 36 години, таа 23. Тој бил болен од туберкулоза. Таа омажена, но несреќна во бракот.

Збирката „Писма до Милена” е прво објавена на германски во 1952 година. Во нив Кафка пишувал со интензитет кој и денес останува без еквивалент во светската епистоларна литература. Едно од неговите реченици до неа гласи: „Ти си ножот со кој се сечам внатре; тоа е љубов. Тоа, мила моја, е љубов.”

Кафка и ги оставил на Милена своите дневници на крајот на животот. Милена Јесенска починала во концентрациониот логор Равенсбрик на 17 мај 1944 година, откако до последен момент криела Евреи и им помагала да избегаат од нацистичка Чехословачка. Јад Вашем ја признал за Праведник меѓу народите. Иако писмата на Кафка до неа се познати на цел свет, таа примарно е позната само затоа што Кафка и пишувал, а не заради тоа што претставувала и тоа е неправда кон нејзиниот живот.

Умре на 40, никогаш не го видел успехот

Кафка починал на 3 јуни 1924 година во санаториум близу Виена. Имал 40 години. Туберкулозата го зафатила грлото и повеќе не можел да јаде ни да зборува. Трите сестри на Кафка подоцна загинале во нацистичките концентрациони логори.

Книгите кои барал да бидат изгорени денес се предаваат на универзитети ширум светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс