Францускиот министер за финансии Ролан Лескир порача денеска дека Европа не смее да го забави развојот на вештачката интелигенција, оценувајќи дека таквите барања директно ги штитат интересите на водечките американски технолошки гиганти. Според Лескир, Франција и Европската Унија мора итно да ги засилат сопствените инвестиции и развој за да станат конкурентни лидери и самите да управуваат со технолошките и општествените ризици, наместо да останат зависни од странски решенија.
Повиците за привремено запирање или забавување на напредните системи за вештачка интелигенција не се искрен обид за безбедност, туку тактички потег на оние што веќе го контролираат пазарот, смета официјален Париз.
„Гледам дека повиците за пауза доаѓаат од оние кои се веќе на врвот. Сакаат да ги забават сите останати за да ја задржат својата предност. Нивниот интерес тука е сосема јасен“, изјави Лескир во разговор за Ројтерс.
Тој посочи дека европскиот одговор не смее да биде дефанзивен ниту бирократски. Целта на Франција е да поттикне агресивен развој на домашни капацитети, бидејќи само технолошки независна Европа може да поставува сопствени правила за етика и контрола.
Европските лидери сè погласно предупредуваат дека строгите регулативи, во комбинација со недостиг на ризичен капитал, можат да ја претворат Унијата во обичен потрошувач на туѓа технологија. Додека САД агресивно инвестираат во модели со стотици милијарди долари вредност, европскиот пазар заостанува во инфраструктура за пресметковна моќ.
Обидот за управување со ризиците од вештачката интелигенција преку забрани, според француските власти, е осуден на неуспех доколку не постојат европски алтернативи.
„Мојата цел е Франција и Европа да ги засилат напорите, да станат лидери во оваа област и така да стекнат способност за управување со ризиците“, нагласи Лескир.
Европа мора да изгради сопствени центри за податоци и самостојни модели за да обезбеди суверенитет врз податоците на своите граѓани и индустрија.