Франција почнува да одзема дозволи за мобилен зад волан

Новата мерка овозможува привремено одземање на возачката дозвола за користење мобилен телефон при возење, зависно од опасноста и конкретниот случај.

Франција ги заострува казните за користење мобилен телефон при возење. Францускиот департман Воклиз стана уште една област во земјата каде што возачите може веднаш да останат без возачка дозвола ако бидат фатени со телефон во рака зад воланот. Мерката е дел од поширок експеримент за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Префектот на Воклиз, Тиери Сике, изјави дека употребата на електронски уреди при возење е поврзана со значителен дел од сообраќајните несреќи и ја опиша како сериозен национален проблем. Според него, мерката не значи автоматско одземање на дозволата во секој случај, туку одлуката ќе зависи од проценката на опасноста и од профилот на возачот.

Дозволата може да биде привремено одземена на неколку недели, најчесто околу еден месец, но во одредени случаи суспензијата може да трае и до шест месеци. Француските власти веќе предупредуваат дека телефонот во рака при возење повеќекратно го зголемува ризикот од несреќа, особено кога возачите читаат или пишуваат пораки.

Слични мерки веќе се применуваат во неколку француски департмани, меѓу кои Landes, Lot-et-Garonne, Pas-de-Calais и Charente-Maritime. Според официјалната платформа Ma Sécurité, користењето телефон во рака зад волан во овие области може да доведе до моментална суспензија на возачката дозвола.

Во Франција, користењето телефон при возење и досега се казнуваше со парична казна и одземање поени, но новата мерка оди чекор понатаму. Доколку резултатите покажат намалување на ризичното однесување и несреќите, моделот би можел да се прошири и на други делови од земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс