Франција на Светското првенство не слави само со голови, туку и со звук што веднаш се препознава. Секој пат кога француската репрезентација ќе постигне гол, на стадионот одекнува „One More Time“ од Daft Punk.
Песната, објавена во 2000 година, е еден од најпознатите клубски хитови на француското електронско дуо и симбол на една цела генерација што растеше со dance музиката на почетокот на новиот милениум.
Оваа година репрезентациите имаат можност да изберат своја песна за прослава на гол, а Франција се одлучи за избор што речиси совршено ја спојува фудбалската еуфорија со француската музичка култура.
Наместо класична навивачка химна, Французите избраа песна направена за подиум, која сега се претвора во звук на стадионска експлозија. Од клубовите до Светското првенство, „One More Time“ доби нов живот – како саундтрак на секој француски гол.
Изборот не е случаен. Daft Punk се едно од најголемите француски музички имиња во светот, а „One More Time“ е песна што носи токму она што му треба на фудбалот: ритам, повторување, радост и чувство дека прославата може да почне уште еднаш.
Или, како што кажува самиот наслов – уште еднаш.