Search

(Фото) Сите детали за ИКТ Центарот во Прилеп – бетонскиот безбедносен прстен на кој му завидуваат соседните држави

Македонија го има можеби најсовремениот центар за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи на Балканот, а кој е изграден недалеку од Прилеп.

Станува збор за несекојдневна, монументална градба изградена по сите современи, безбедносни стандарди.

Овој објект ќе овозможи зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор.

Неговата целосна изградба и пуштање во употреба со целосна функционалност чинеше 11,5 милиони евра и како објект е прв од таков вид во регионот, изграден од државна институција, во конкретниот случај Министерството за внатрешни работи. 

Детали за изградбата

ИКТ Центарот е сместен на околу два километри од Прилеп, изграден е по проект на 1Х2Студио од Белград на чело со архитект магистер Зоран Абадиќ.

Неговата основна цел е да обезбеди заштита на опремата, податоците и софтверот од кражба, вандализам, природни катастрофи, вклучувајќи и земјотрес, тероризам, неочекувани оштетувања предзвикани од електрични падови, екстремни температури и слично.

Зградата, функционално е поделена на два дела, на кружен прстен за сместување на техничка опрема и инсталација и централни јадро, кое е сервер соба, додека кружниот прстен е исполнет со простории за сместување на машински, електрични и телекомонукациски инсталации, вклучувајќи и простории за провајдерот.

Останатиот дел од објектот е наменет за сместување на вработени лица, како мрежни техничари, оператори, обезбедување и сл.

Работното време е 24/7 а пристапот е строго ограничен.

Сервер собата е како соба во соба и обезбедува највисок степен на физичка заштита. Вградените системи обезбедуваат сеопфатна заштита и безбедност на серверите, мрежните компјутери и системите за комуникација. 

Основната структура на објектот е двојна бетонска конструкција од масивни армирани бетонски ѕидови, кои се исполнети со високо ефикасни изолациски материјали, кои гарантираат највисок степен на заштита од пожари.

Она што е особено интересно е дека сите структури на објектот, таванот, ѕидовите, покривот, се без какви било отвори.

Највисоко ниво на безбедност

Пристапот до објектот е строго забранет за кој било освен во официјални посети како денешнава. 

Освен дебелите ѕидови, просторот е дополнително ограден со ограда, постои 24часовен видео надзор, како и дополнително, вооружено физичко обезбедување. 

Се на се, ИКТ центарот по својата фунцкионалност, не заостанува од современите безбедносни објекти од западните држави, но сигурно е чекор понапред од државните безбедносни објекти во регионот на Западен Балкан.

Извор: https://24info.mk/

Најново

Последни колумни