Фолтин слави три децении музичка слобода со голем концерт во Хераклеа

Бендот најави концерт во август, нов албум со обработки и лимитирано рачно потпишано издание на двоен винил

Музичкиот состав Фолтин најави обемна јубилејна програма по повод 30 години од својот прв концерт, која ќе вклучува концертни, издавачки и мултимедијални активности во текот на 2026 година. Централниот настан на прославата ќе биде големиот концерт во Хераклеа во август, со кој групата ќе го затвори фестивалот Битфест. Проектот опфаќа и нов албум со обработки од македонски и регионални музичари, како и двојна винил плоча снимена во живо.

Централниот настан на јубилејната програма, насловена како „Фолтин 30 – три децении музичка слобода и жива врска со публиката“, ќе се одржи во август 2026 година во античкиот локалитет Хераклеа во Битола. По овој настап, со кој бендот ќе го затвори Битфест 2026, планирани се концерти во Скопје и во неколку градови во регионот.

Прославата вклучува и објавување на албумот „FOLTIN RE:COMPOSED“, кој содржи нови читања на композициите на групата. Македонски и регионални музичари избраа по една песна од творештвото на Фолтин и ја прераскажаа низ сопствениот музички јазик. Почнувајќи од 29 јуни, секој понеделник во емисијата „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова на Радио Метрополис ќе се промовира по една композиција. Истите истиот ден ќе бидат достапни и на официјалните дигитални канали на бендот.

Како траен документ за триесетгодишната сцена, бендот го издава и „FOLTIN LIVE“, двојна винил плоча со концертни снимки од настапите во Пловдив и Скопје. Материјалот е снимен на аналогна опрема, а печатен во Виена. Првите 150 примероци од ова издание веќе пристигнаа во Македонија и се дел од лимитирана, рачно нумерирана и потпишана серија наменета за колекционери.

Тиражот е достапен преку нивната нова веб-страница, а плочите можат да се подигнат во продажните салони на „Божиновски часовници и накит“ на Широк сокак во Битола и на улица Македонија во Скопје. Првата слушачка промоција на албумот на Hi-Fi опрема се одржа на 26 јуни во „Аудиокултура“ во Скопје, а следната ќе се организира во новиот салон на Божиновски во Битола. Двете организации оваа година одбележуваат 30 години постоење.

Јубилејната програма ќе биде надополнета со серија кратки видеа посветени на помалку познати приказни, случки и моменти од историјата на составот, со цел да се создаде дополнителна архива за бендот и неговата публика. Комплетниот визуелен идентитет на овие изданија и проекти го изработи дизајнерот Зоран Кардула.

Фолтин има и нова интернет-адреса, изработена од студентите на Бреинстер. Бендот соопшти дека овој јубилеј е резултат на долгогодишната поддршка од публиката, соработниците, културните институции и медиумите кои низ трите децении верувале во нивната музика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс