Фолтин ја носи приказната „FOLTIN LIVE“ кон големиот јубилеј во Хераклеа

По промоцијата на двојниот винил „FOLTIN LIVE“ во Охрид, Фолтин се враќа во Битола, каде на 29 август во Хераклеа ќе одбележи 30 години од својот прв концерт. Пред големото јубилејно собирање, на 26 август е закажано уште едно аудиофилско слушање на новото издание.

Три децении музика, концерти и постојано менување на сопствениот звук Фолтин ова лето ги собира во една јубилејна приказна која од град во град се движи кон Хераклеа.

Изминатиот викенд една од станиците беше Охрид, каде во KULT културен центар се одржа слушачка промоција на „FOLTIN LIVE“ – двојниот винил кој ја пренесува концертната енергија на бендот во аналогно издание. За звукот на промоцијата беше задолжен инженерингот на „ТЕОХАРОВ“.

Од Охрид кон Битола

Приказната во Охрид продолжи и на винил саемот Охрид 33/45 во Шила Кафе & Бар, каде посетителите можеа да го погледнат и да го набават лимитираното издание.

Првото издание на „FOLTIN LIVE“ е ограничено на 150 рачно нумерирани и потпишани примероци, а според информациите од бендот, достапни се уште последните количини.

Следната станица е Битола. На 26 август во новиот продажен салон на Божиновски часовници и накит – Галерија Божиновски, ќе се одржи ново аудиофилско слушање на двојниот винил. Идејата е албумот повторно да се слуша во услови посветени на самиот звук – внимателно, гласно и без брзање.

30 години подоцна

Сето тоа води кон 29 август и големиот јубилеен концерт во Хераклеа во Битола.

Фолтин годинава одбележува 30 години од својот прв концерт, а јубилејното собирање во Хераклеа воедно ќе биде и завршницата на Битфест 2026.

Концертот е закажан за 29 август 2026 година во Хераклеа, а билетите се достапни преку МК Тикетс и Тобако Брадерс Битола.

Триесет години по првиот концерт, Фолтин ја продолжува приказната со ново физичко издание, средби со публиката и враќање на една од највпечатливите концертни сцени во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс