Фолксваген планира да укине повеќе од 100.000 работни места, а истовремено поставува амбициозна цел – до 2030 година да оствари највисока профитабилност во својата историја. Извршниот директор на германскиот автомобилски гигант, Оливер Блуме, порача дека компанијата мора драстично да ги намали трошоците за да се справи со сè посилната конкуренција.
Во интервју за германскиот весник „Билд“, Блуме откри дека Фолксваген до крајот на деценијата сака годишно да продава девет милиони автомобили и да остварува оперативна профитна маржа од девет отсто.
„Тоа досега никогаш не сме го постигнале во историјата на Фолксваген групацијата“, изјави Блуме.
Планираниот број продадени автомобили е речиси идентичен со минатогодишниот резултат, кога групацијата испорача 8,98 милиони возила. Главниот предизвик, сепак, е значително зголемување на профитабилноста.
Фолксваген ја заврши 2025 година со оперативна профитна маржа од само 2,8 отсто, додека прогнозите за 2026 година се уште понеповолни. Компанијата очекува оперативната добивка да изнесува најмногу еден отсто од вкупните приходи. За да ја постигне целта, германскиот производител спроведува обемно преструктурирање, кое вклучува и намалување на бројот на вработени. Блуме го бранеше планот за укинување на повеќе од 100.000 работни места, отфрлајќи ги оценките дека станува збор за радикален потег.
Според него, трошоците за вработените во германските фабрики се приближно двојно повисоки отколку во другите европски земји. Фолксваген веќе издвојува милијарди евра за отпремнини и други мерки за намалување на трошоците.
Кинеската конкуренција и американските царини го притискаат профитот
Проблемите дополнително се усложнуваат поради ситуацијата во Кина, каде што домашните производители стануваат сè посериозна конкуренција. Блуме тврди дека кинескиот пазар сè уште не е изгубен за Фолксваген, но предупредува дека продажбата на автомобили таму годинава е намалена за 20 отсто, додека цените во последните две години паднале за 15 отсто.
Компанијата истовремено се соочува и со американските царини, како и со високите производствени трошоци, што дополнително ја намалува заработката. Целта за 2030 година затоа подразбира огромно зголемување на профитабилноста без значително зголемување на продажбата на автомобили.
Дали Фолксваген ќе успее да го оствари овој план ќе зависи од резултатите на преструктурирањето и од способноста на компанијата повторно да ја зајакне конкурентноста на клучните пазари.
(Извор: Телеграф.рс)
