Потврденo новото парламентарно мнозинство во Србија: Студентската листа има 140 пратеници, СНС заминува во опозиција

Потврдени се сите 250 пратенички мандати, а новите пратеници положија заклетва. По 14 години на власт, Српската напредна странка ќе биде во опозиција, додека пред Собранието се случи инцидент со актерката и пратеничка на СНС, Лидија Вукиќевиќ.

Србија доби ново парламентарно мнозинство. Во новиот состав на Собранието, Студентската листа ќе има 140 од вкупно 250 пратенички места, со што обезбеди апсолутно мнозинство. Коалицијата околу Српската напредна странка (СНС), која беше на власт во изминатите 14 години, освои 103 мандати и преминува во опозиција. Останатите места им припаднаа на пет листи на малцинските партии.

На конститутивната седница беа потврдени сите 250 пратенички мандати, по што новите пратеници положија заклетва. Претседавачот Стојан Раденовиќ, читајќи ја одлуката за потврдување на мандатите, предизвика аплауз во собраниската сала и соопшти дека Собранието е конституирано.

Претходно, тричлена комисија ги верификувала мандатите на сите 250 пратеници, соопшти Вјерица Радета, членка на комисијата од коалициската листа околу СНС. Пратениците потоа ја положија заклетвата, со која се обврзаа должноста да ја извршуваат посветено, чесно и совесно, да ги почитуваат Уставот, човековите и малцинските права и граѓанските слободи, како и да им служат на граѓаните на Србија, вистината и правдата.

По завршувањето на оваа процедура беше одредена нова пауза до 14 часот. По неа се очекува избор на собраниските органи – претседател, потпретседатели и формирање пратенички клубови. Со потврдувањето на мандатите почна да тече и рокот за формирање нова Влада на Србија. Крајниот рок за нејзино составување е 90 дена.

Вучиќ во собраниските клупи по години политичка доминација

Во новиот парламентарен состав, по повеќе години, пратенички мандат има и Александар Вучиќ, досегашен претседател на Србија, кој претходно беше и потпретседател на владата и премиер.

Новиот состав доаѓа по повеќе од една и пол година масовни антивладини протести, предводени од студентското движење. Протестите започнаа по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, а една жена беше тешко повредена.

Студентската листа, која произлезе од студентското движење, победи на парламентарните избори и сега ќе ја преземе владејачката улога во земјата.

Инцидент пред Собранието

Пред зградата на Собранието се случи инцидент кога приврзаници на Студентската листа ја полеаја со јогурт актерката и пратеничка на СНС Лидија Вукиќевиќ. Во меѓувреме, поддржувачите на студентите и граѓаните го следеа конституирањето на новиот парламентарен состав на организирани собири во повеќе градови.

Во амфитеатарот на Правниот факултет во Белград студенти, средношколци и поддржувачи на Студентската листа заеднички го следеа телевизискиот пренос. Јована Радоичиќ, студентка на трета година на Правниот факултет, изјави дека седниците ги следи уште од детството и дека ова го доживува како историски важен парламент за нејзината генерација.

„Од новите пратеници очекувам да ја подобрат состојбата во државата“, рече таа.

И во Нови Сад граѓаните организирано го следеа преносот во едно кафуле на Трифковиќевиот плоштад. Сопственичката Нинослава Самараџија оцени дека станува збор за историски датум и изрази надеж дека новото парламентарно мнозинство ќе ја поведе Србија во вистинска насока.

При интонирањето на државната химна „Боже правде“, присутните станаа, а потоа следуваше аплауз. Спомнувањето на Милош Павловиќ, најмладиот пратеник од коалициската листа околу СНС, предизвика кратко негодување.

За време на студентските блокади на факултетите и антивладините протести, Павловиќ предводеше група поддржувачи на СНС во Пионирскиот парк, спроти Собранието, кои се претставуваа како „студенти што сакаат да учат“.

Пратеници од повеќе од 60 градови и општини

Во новиот парламентарен состав ќе има претставници од повеќе од 60 градови и општини во Србија. Најмногу пратеници, како и во претходните состави, доаѓаат од Белград, Нови Сад и Ниш.

По нив следува Крагуевац со 15 претставници. Помалку од десет пратеници доаѓаат од Нови Пазар (6), Лесковац (5), Краљево (4), Крушевац (3), Панчево (3), Чачак (2), Инѓија (2), Лозница (2), Прокупље (2), Рашка (2), Рума (2), Смедерево (2), Суботица (2), Ужице (2) и Зрењанин (2).

Повеќе од 40 места имаат по еден претставник, меѓу кои и Приштина и Северна Митровица на Косово.


Новото парламентарно мнозинство сега треба да ги избере раководните тела на Собранието, а потоа да започне постапката за формирање нова влада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс