Флоренс Пју удри по институциите: Молчењето за силување е чисто зло

Глумицата порача дека неказнивоста на факултетите ги штити насилниците на сметка на уништените животи на жртвите.
Фото: RON RAFFETY, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Британската актерка Флоренс Пју упати остар јавен апел до мажите да престанат да молчат, откако поранешна студентка на американскиот универзитет Корнел поднесе граѓанска тужба во која тврди дека била дрогирана и со часови групно силувана од седуммина колеги. Пју отворено го критикуваше академскиот систем кој преку минимални казни свесно ги амнестира насилниците.

Според граѓанската тужба што ја поднесе жртвата, заведена како Џејн До, нападот се случил во октомври 2024 година во просториите на братството Чи Фај на универзитетот Корнел.

По првичниот сексуален напад, еден од членовите испратил порака во активната чет-група на братството на апликацијата Снепчет, повикувајќи ги другите момчиња да се качат на горниот кат. Во тужбата се наведува дека по повикот се приклучиле повеќе студенти, по што седуммина мажи со часови ја силувале студентката.

Глумицата реагираше на социјалните мрежи по објавувањето на судските детали, нагласувајќи дека чувствува мачнина и бес.

„Секој што знаел или слушнал што се случува, мора да одговара. Тие се подеднакво зли како и оние што го испланирале ова“, порача Пју, додавајќи дека премолчувањето на такво насилство претставува кукавичлук.

Посебен револт кај јавноста и кај познатата глумица предизвикаа дисциплинските мерки што универзитетот ги презел против пријавените студенти.

Од седуммината инволвирани членови на братството, управата на Корнел исфрлила само двајца. Останатите петмина поминале со привремени суспензии, задолжително посетување едукативни работилници и пишување есеи како дисциплинска мерка.

„Ова е обид да се убие нечија душа. Брутално убивање на душата. Бесна сум на образовните установи што ги штитат младите мажи од страв да не им пропадне иднината. А што станува со животот што тие девојки мора да го живеат потоа?“, напиша актерката на својот Инстаграм профил.

Од универзитетот Корнел реагираа со тврдење дека нивните мерки не биле минимални, но случајот одново ја отвори дебатата за токсичната култура и неказнивоста во американските студентски братства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс