Фломастерот што го спаси Аполо 11 од останување на Месечината продаден за речиси милион долари

Мал фломастер помогнал Баз Олдрин и Нил Армстронг да се вратат од Месечината. Историскиот предмет е продаден на аукција за 857.600 долари.
Фото: НАСА

Пред 57 години човештвото го направи првиот чекор на Месечината, но малкумина знаат дека мисијата Аполо 11 можела да заврши со астронаутите заробени таму. Причината била едно скршено прекинувачко копче во лунарниот модул.

По завршувањето на прошетката по Месечината, Баз Олдрин забележал дека е оштетен прекинувачот задолжен за активирање на моторот за полетување. Без него, модулот не можел да се одвои од површината и двајцата астронаути немале начин да се вратат во орбитата.

Инженерите во контролниот центар во Хјустон не успеале да најдат решение, па Олдрин се сетил на црниот фломастер што го имал во личните предмети. Со неговиот врв внимателно го притиснал прекинувачот и успеал да го задржи во правилна положба.

„Фломастерот ја заврши својата работа. Можевме да се вратиме на Земјата“, подоцна напишал Олдрин.

Фломастерот од брендот Duro Rocket, заедно со оштетениот дел од прекинувачот, со години бил чуван како сувенир. Неодамна Олдрин ги понудил на аукција, каде што предметите достигнале цена од 857.600 долари, односно околу 730.000 евра.

Баз Олдрин, кој денес има 96 години, е еден од ретките живи астронаути кои чекореле по површината на Месечината. Малото парче опрема што не било дел од официјалната листа за мисијата останало запаметено како предмет што помогнал да се спаси една од најпознатите вселенски експедиции во историјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс