Филмот што по грешка стана најгледан на HBO Max

Филмот „Еуфорија“ од 2018 година, со Ева Грин и Алисија Викандер, неочекувано стана најгледан на HBO Max, најверојатно поради замена со популарната серија со исто име.

Англискиот дебитантски филм на шведската режисерка Лиса Лангсет, „Еуфорија“ од 2018 година, неочекувано се искачи на врвот на листите на гледаност на HBO Max.

Станува збор за драма која во времето на премиерата помина речиси незабележано и доби слаби критики. Затоа нејзиниот ненадеен успех отвора прашање: дали публиката навистина повторно го откри филмот или станува збор за среќна алгоритамска случајност?

Филмот ги следи двете отуѓени сестри Емили, која ја игра Ева Грин, и Инес, во улога на Алисија Викандер. Емили ја поканува сестра си на патување во мистериозно одморалиште во Европа, но Инес наскоро открива дека станува збор за луксузен центар за еутаназија. Емили, која боледува од неизлечив рак, таму планира да го заврши својот живот.

Иако главните актерки имаат убедлива хемија, критичарите му забележаа на филмот дека не навлегува доволно длабоко во етичките и филозофските прашања што ги отвора темата. Наместо тоа, приказната повеќе се потпира на познат мотив за две сестри кои се соочуваат со стари семејни рани и нерешени конфликти.

На Rotten Tomatoes, „Еуфорија“ има само 19 проценти позитивни критики, додека оценката од публиката е нешто повисока, но сепак ниска — 34 проценти. И покрај тоа, според податоците на FlixPatrol, филмот моментално е најгледан на HBO Max во САД и Обединетото Кралство.

Најверојатното објаснување за овој необичен успех е — името. HBO серијата „Еуфорија“, со Зендеја во главната улога, е една од најпопуларните серии на денешницата, а финалето на нејзината последна сезона било емитувано токму во истиот период.

Гледачите кои ја барале серијата на HBO Max можеби случајно налетале на филмот со ист наслов. Бидејќи двата проекта се викаат исто и се наоѓаат на истата платформа, ваквата замена не изгледа невозможна.

Теоријата дополнително ја зајакнува и временската рамка. Неделата во која филмот доминирал на листите речиси совршено се поклопува со завршницата на серијата, која била еден од најочекуваните телевизиски моменти во годината.

А кога еден филм ќе се појави на врвот на почетната страница, алгоритмот само го засилува ефектот. Колку повеќе луѓе кликнуваат, толку повеќе платформата го препорачува. Така, еден филм со слаби критики и мала почетна видливост може одеднаш да стане најгледан — не поради нов култен статус, туку поради совршено совпаднато име, момент и алгоритам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс